„Делегацијата на Украина нема да учествува на средбата на ОБСЕ во Скопје на ниво на министерот за надворешни работи. Украина високо ги цени напорите на Северна Македонија како држава претседавач на ОБСЕ во 2023 година и лично на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ, злоупотребувајќи го правилото за консензус“, напиша на Фејсбук портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба нема да учествува на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, објави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко, на Фејсбук. Причината за ваквата одлука, како што посочува Николенко, е тоа што „Русија постојано го уништува ОБСЕ“, очигледно алудирајќи на најавеното присуство на Самитот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Делегацијата на Украина нема да учествува на средбата на ОБСЕ на ниво на министерот за надворешни работи. А ова е причината зошто: од 30 ноември до 1 декември Скопје ќе биде домаќин на состанок на Советот на министри за надворешни работи. Украина високо ги цени напорите на Северна Македонија како држава претседавач на ОБСЕ во 2023 година и лично на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои покажаа висок професионализам и непоколеблива посветеност на заштитата на принципите и обврските на ОБСЕ и што дадоа приоритетот на прашањето за спротивставување на руската агресија врз Украина за време на неговото претседателствување. Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ злоупотребувајќи го правилото за консензус. Одејќи кон уцени и отворени закани, Русија систематски го блокираше консензусот за клучните прашања. Блокирањето на кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година, исто така, стана опционално. Покрај тоа, Русија незаконски приведе тројца Украинци – претставници на ОБСЕ, кои се во затвор повеќе од 500 дена. Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложник на нејзините каприци и агресија“,
наведува Николенко во објавата.
Според него, во такви услови, присуството на руската делегација на Министерскиот состанок на министерско ниво по првпат од почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина само ќе ја влоши кризата во која Русија ја воведе ОБСЕ.
„Заедно мораме да работиме на спасување на ОБСЕ од Русија, но не со испраќање сигнали за можноста за враќање на формите на соработка кои постоеја до февруари 2022 година, на државата која ја спроведе најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите принципи на завршниот акт на Хелсинки. Со оглед на тоа, делегацијата на Украина нема да учествува на Министерскиот состанок на ОБСЕ на ниво на министер за надворешни работи. Во исто време, Украина останува посветена на принципите на ОБСЕ, подготвена да продолжи да работи со партнерите со цел да се врати почитувањето на завршниот акт од Хелсинки, особено на спроведувањето на Формулата за мир на претседателот на Украина, Володимир Зеленски“,
наведува портпаролот на украинското МНР.
Владата на седницата во петокот донесе одлука со која се врши измена и дополнување на актуелните рестриктивни мерки кон Руската Федерација кои земјава ги воведе по руската инвазија врз Украина, а согласно кои беше воведена забрана за влез на руски воздухоплови во воздушниот простор на Северна Македонија. Одлуката за ограничување на пристапот на руски авиони Владата ја донесе во февруари минатата година приклучувајќи се кон регулативата на Советот на ЕУ од заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Одобренијата за прелет и слетување на рускиот воздухоплов, како што соопштија тогаш од Владата, ќе треба да ги донесат министерствата за надворешни работи и за одбрана.
„На вчерашната седница, Владата ни даде овластување, на МНР да даде согласност за доаѓањето на Лавров, а Министерството за одбрана да ги даде повикувачките броеви, бидејќи МО ги дава повикувачките броеви за сите владини авиони и потоа ние како МНР даваме дозвола. Значи, за дипломатски авиони дозволите ги дава МНР врз основа на повикувачки број од МО. Затоа Влада не овласти ние да донесеме одлука. Ако ние процениме дека треба да дојде, ќе бараме од МО повикувачки број. Мора тоа побрзо да се одлучи бидејќи нема време, треба да се издаваат визи, а нашата амбасада во Москва ги прима апликациите“,
изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во саботата на брифинг со новинарите.
Бугарија, пак, како што вчера јави руската новинска агенција ТАС, донесе одлука да го отвори воздушниот простор за летот на Лавров.
Претходно, портпаролот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Петер Стано, изјави дека планираното патување на Лавров во Северна Македонија на министерскиот состанок на ОБСЕ нема да се смета за кршење на европските санкции.