„Во 12-те случаи на дискриминација, КСЗД утврди повреда на правото на еднаквост врз 12 различни основи. Најчесто утврдена основа на дискриминација во третиот квартал на 2024 година е етничката припадност, а потоа следуваат родов идентитет, род, сексуална ориентација и политичко уверување. Во по еден случај утврдени се и основите раса, јазик, образование, попреченост, здравствена состојба и лично својство и општествен статус. Утврдени е и еден случај на дискриминација врз друга основа: членување во синдикат“, информираат од КСЗД
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во третиот квартал на 2024 година оформила 107 нови предмети за заштита од дискриминација, од кои 84 ги поднеле физички лица, 22 ги поднеле правни лица и една постапка била поведена по службена должност.
Споредено со истиот период лани, бројот на нови предмети е намален за дури 60,05 отсто, информираат од КСЗД.
Од оние што доставиле податок за припадност по пол, 30 (49%) биле жени и 31 (51%) биле мажи.
Од оние што се изјасниле за националната припадност, 26 биле Македонци, 5 Албанци, 2 Роми, 1 Србин, 1 Турчин и 1 Влав. До КСЗД се доставени и три претставки од граѓани кои се изјасниле за друга етничка припадност (бугарска, канадска и горанска).
Во поглед на возраста, најмногу претставки поднеле граѓани на возраст 41-50 години (16 претставки).
Директна дискриминација била утврдена во шест случаи, од кои три како дискриминација во потежок облик – во два како продолжена дискриминација и во еден случај како интерсекциска дискриминација. Понатаму, утврдени се четири случаи заради дискриминациски говор во медиумите и социјалните мрежи, и тоа, еден случај на вознемирување, еден како вознемирување и повикување и поттикнување на дискриминација и два случаи во форма на поттикнување на дискриминација.
„Во 12-те случаи на дискриминација, КСЗД утврди повреда на правото на еднаквост врз 12 различни основи. Најчесто утврдена основа на дискриминација во третиот квартал на 2024 година е етничката припадност, а потоа следат родов идентитет, род, сексуална ориентација и политичко уверување. Во по еден случај утврдени се и основите раса, јазик, образование, попреченост, здравствена состојба и лично својство и општествен статус. Утврдени е и еден случај на дискриминација врз друга основа: членување во синдикат“,
информираат од КСЗД.
Најмногу случаи на дискриминација во третиот квартал на 2024 година биле утврдени во областа на работата и работните односи, од кои два се за пристап до унапредување, еден за трансформација на работен однос од определено на неопределено време, еден за прекинување на работен однос и еден за дискриминација на работно место. Потоа следат областите на јавно информирање и медиуми, правосудство и управа и еден случај на дискриминација во детска градинка.
Комисијата донела вкупно 77 одлуки по поднесените предмети од кои во 12 случаи била утврдена дискриминација, а во 20 не била утврдена дискриминација.
Се отфрлиле, односно не се постапувало или била запрена постапката по 44 претставки.
Заклучно со 30 септември 2024 година, бројот на тековни постапки изнесува 115.
Меѓународниот балкански универзитет извршил интерсекциска дискриминација врз основа на род и етничка припадност
Комисијата утврдила дека приватниот Меѓународен балкански универзитет извршил интерсекциска дискриминација врз основа на род и етничка припадност врз неколку вработени Македонки, така што им го прекинал работниот однос без никакво образложение, со што на Школата за англиски јазик во рамки на универзитетот не останала ниту една вработена жена Македонка.
„Комисијата во овој случај препорача, Меѓународниот балкански универзитет да го продолжи работниот однос на сите подносителки на претставката, а доколку има потреба од намалување на кадарот од деловни причини, истото да го стори преку донесување на методологија за бодување на кадарот заснована на неутрални критериуми. Исто така, на универзитетот му се препорачува да донесе и редовно да спроведува политика за еднаквост и недискриминација на работното место“,
соопштија од КСЗД.
Утврдена директна дискриминација врз основа на јазик и етничка припадност
Во споена постапка заради иста предметна дејност, а по претставка поднесена од Демократската партија на Турците во Македонија и физичко лице од село Врапчиште, утврдена е директна дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик. Министерството за внатрешни работи извршило директна дискриминација врз лицето од село Врапчиште во процесот на издавање лични документи, но и директна продолжена дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик врз граѓаните од турска националност во процесот на издавање лични документи, со образложение дека нема доволно обрасци на турски јазик.
„Комисијата му препорача на МВР да изврши набавка на доволен број обрасци на турски јазик за издавање на лични карти, возачки дозволи и пасоши, непречено да ги прима и да постапува по барањата на граѓаните за издавање на лични документи на други јазици и во иднина, во плановите за јавни набавки, прецизно да го дефинира бројот на потребните обрасци за издавање документи на другите јазици. По упатените препораки, Министерството за внатрешни работи ја извести Комисијата дека се набавени доволен број на обрасци за лични документи на турски јазик, со што е овозможено континуирано и непречено постапување по барањата на граѓаните“,
се посочува во извештајот на КСЗД.
