Директорот на МЦМС смета дека, суштински, и ВМРО-ДПМНЕ не е против вметнување на Бугарите во Уставот, туку дека не сака тоа да биде условено и под притисок. Според него, со учество и на ВМРО-ДПМНЕ во тој процес ќе се превенираат закани, уцени и корупција – што смета дека го имало со Преспанскиот договор
Јас сум уставни измени да има што побрзо, дури и до крајот на годинава, бидејќи можеме да ги започнеме преговорите многу порано, рече Александар Кржаловски во дебата во ,,360 степени”
Александар Кржаловски, директор на невладината МЦМС, во синоќешниот настап во емисијата ,,360 степени” на ТВ Алсат, прогнозираше дека уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата ќе се случат набрзо, можеби и до Нова година.
„Од самоувереноста на некои политичари од власта, мислам дека некои од пратениците и се кандисани, односно се убедени на еден, на друг или на трет начин, каде што двата не се баш пожелни – или се закани или поткупи, зашто не верувам дека со добра волја се убедени дека е тоа добро и дека затоа би гласале. Тоа го нарушува и ова што Мицкоски го истакнува дека имало консензус во партијата и дека сите се против гласање. Значи, во прашање е трговија со своето достоинство и интегритет и ќе се сведе на тоа“,
рече Кржаловски.

Тој смета дека, суштински, и ВМРО-ДПМНЕ не е против вметнување на Бугарите во Уставот, туку дека не сака тоа да биде условено и под притисок. Според него, со учество и на ВМРО-ДПМНЕ во тој процес ќе се превенираат закани, уцени и корупција – што смета дека го имало со Преспанскиот договор.
„Јас сум уставни измени да има што побрзо, дури и до крајот на годинава, бидејќи можеме да ги започнеме преговорите многу порано. Не треба да заврши целиот скрининг процес, туку како завршуваме со секое поглавје од билатералниот скрининг, можеме да ги почнеме преговорите за тоа поглавје, а тоа најверојатно ќе се случи некаде март-април. Ако ги имаме донесено дотогаш уставните измени, ќе нема никаква формална пречка и да почнеме преговори по поглавја уште во април“,
рече тој.
Во дебатата учествуваа и Васко Наумовски, универзитетски професор и ексвицепремиер, и Иво Ранѓеловиќ, политоколог – магистер по компаративна политика и демократија.