Епидемиолошката состојба со ковид-19 во Дебар е многу критична. Општинскиот Оперативен штаб на попладневниот состанок реши од здравствените власти да побараат итно да им се испрати пулмолог и здравствен инспектор.
„Поднесено е барање до Главниот кризен штаб да се испрати пулмолог во Општата болница во Дебар, како и санитарен здравствен инспектор. Министерството за здравство подготвува проект за евентуална изградба на Ковид Центар и во нашата општина“
информираа од општинскиот Оперативен штаб.
Општинската организација на Црвен крст во Дебар, во соработка со дебарската болница и локалната власт, ќе подготви едукативен материјал со цел запознавање на граѓаните со заштитните мерки и зошто тие треба да се почитуваат.
„Договоривме Јавното комунално претпријатие „Стандард“ и Територијалната противпожарна единица секој понеделник и петок да ги дезинфицираат главната и пофрекфентните улици во градот. Апелираме до граѓаните да не ја занемаруваат ситуацијата и строго да ги почитуваат мерките за самозаштита“
соопштија од Штабот.
Во Дебар досега се регистрирани 173 случаи со ковид-19 од кои дури 122 се од втората фаза на болеста, откако со регистраниот случај во село Долно Косоврасти болеста повторно, по педесет дена, се врати во ова подрачје.
Од вкупната бројка, пет случаи се од општина Центар Жупа. Активни на болеста се 111 лица, починале петмина, а оздравеле 57 лица.