Владата, или конкретно Електрани на С Македонија (ЕСМ), треба да ја преземе обврската за снабдување со топлинска енергија од БЕГ како снабдувач, во услови кога цената на енергенсот е за 40 отсто повисока
Собранието со 59 гласа „за“, ниту еден против и воздржан, ја донесе Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Со новата одлука, кризната состојба ќе трае до 30 април 2022 година.
Владата, или конкретно Електрани на С Македонија (ЕСМ), треба да ја преземе обврската за снабдување со топлинска енергија од БЕГ како снабдувач, во услови кога цената на енергенсот е за 40 отсто повисока.
Министерот за економија Крешник Бектеши образложи доколку оваа криза би била оставена на одговорност на Град Скопје и со оглед на инфраструктурата на десетте скопски општини, тогаш би пропаднал целиот електроенергетски систем во земјава поради тоа што трафостаниците во овие општини не се во состојба да добијат дополнителен капацитет ако се премине од централно греење со топлинска енергија во греење со електрична енергија.
За опозицијата, граѓаните не треба да плаќаат повисоки сметки, бидејќи институциите не знаеле како да ја менаџираат енергетската криза.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Ангелевска рече дека во моментов во државата има четири кризни состојби, за кои Владата не чувствува одговорност туку вината ја префрла на друг.
„Енергетската криза е светска, пандемијата е светско зло. И тоа е така. Меѓутоа, сигурно дел од вината има и власта на СДСМ и ДУИ. За енергетската криза, досега се платени 170 милиони евра. За да им биде појасно на граѓаните, кризата се прогласува за да може да се префрлаат парите од буџетот во Електрани на Македонија. И кој е виновен сега? Виновно е ВМРО-ДПМНЕ? Виновен е цел свет само СДСМ и ДУИ не се виновни. Моменталното управување од БЕГ го презеде Електрани на Македонија. Ова сега продолжување до 30 април, не е за купување на гас, туку да се субевнционираат средства за сметките за парно за домаќинствата кои се кренати за 20 отсто“,
рече Ангелевска.
Според неа, ЕСМ е пример за неработење и опозицијата се сомнева дали парите од буџетот ќе стигнат таму каде што треба.
Од друга страна, за владејачкото мнозинство, Владата навремено и ефикасно одговара на сите предизвици, во интерес на граѓаните и стопанството.
Во реплика до Ангеловска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека енергетската криза е криза која мораме сите заедно да ја споделиме.
„Владата треба да го даде максимумот, но не може ниту една локална власт да не направи ребаланс и дел од средствата да ги насочи кон кризата, а за сè друго да бара од Владата. Не може општините кои комуналните такси треба да ги собираат според закон, да ги ослободуваат граѓаните и компаниите, а да не сметаат дека учениците треба да се греат. Затоа, сите заедно да имаме споделена одговорност“,
истакна Спасовски.
Тој потсети на одлуката во 2012 година во која се даде налог да се формира БЕГ да се преземе Топлификација-Скопје, спротивно на законот, за што во 2019 година се поднесени кривични пријави.