Корона кризата наметна изнаоѓање нови, алтернативни начини за реализирање на извозот. Наместо преку саемски манифестации, промоцијата и пласманот на домашните производи ќе мора да се одвиваат онлајн, со користење најразлични интернет алатки, беше речено на денешната работна средба на компаниите од Клубот на извозници и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Арбен Виља.
Компаниите истакнаа дека во наредниот период ќе имаат потреба од помош и поголема поддршка за дигитализација и имплементација на напредните технологии со цел настап на виртуелните саеми, изработка на онлајн презентации, креирање маркетинг стратегии за промоција и стратегија за настап на онлајн пазари преку интернет продажба.
На средбата беше презентирана и новата веб-страница на Агенцијата со порталот за промоција на извозот, како и мерките за финансиска поддршка со акцент на столбот 2 – Пораст на конкурентноста на компаниите за освојување нови пазари и пораст на продажбата.
Биснисот во наредниот период своите активности ќе ги насочува кон дигитализација на процесите и зголемување на конкурентноста, користејќи онлајн алатки за промоција и продажба на производите, нагласи претседателот на Клубот на извозници, Глигор Цветанов.
Според него, поради настанатата криза со коронавирусот, повеќето планирани саемски манифестации до крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година се откажани. Поради тоа се јавува потребата за пренамена на средствата планирани за поддршка на извозните активности на домашните компании.
„Сакам да ја изразам нашата подготвеност за реализација на нови заеднички проекти и очекувам дека од денешните дискусии ќе произлезат конкретни барања, предлози и идеи кои ќе ги имплементираме во нашиот Предлог-буџет за следната година, со единствена цел да додадеме вредност на извозниот процес и на тој начин да ги помогнеме домашните компании“,
им рече директорот Виља на извозниците.
2