Во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници констатирале 170 прекршоци за неносење лична заштита на лицето, најмногу во Охрид – 90, Струга-46, Кичево-30, Дебар-4.
„Ним им се издадени прекршочни платни налози за сторен прекршок по член 6 став 1 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест ковид-19. Воедно, полициските службеници самостојно, но и во координација со Државниот пазарен инспекторат, извршиле 19 контроли врз угостителски и други објекти“,
соопшти СВР Охрид.
Од Пазарниот инспекторат – одделение Охрид за „Слободен печат“, изјавија дека поднесени се 2 кривични пријави по членот 206 од Кривичниот Законик конкретно за журки во Градиште, на плажите 2 и 3. Од Инспекторатот потсетуваат дека им недостигаат инспектори, а проблем е и што на дивите плажи нема сопственици, па таму немаат надлежност за казнување.
Охрид за време на продолжениот викенд е преполн со туристи. Како што може да се забележи од видеата кои се објавуваат на социјалните мрежи, посетителите ниту носат маски, ниту одржуваат дистанца за заштита од коронавирусот.