За време на продолжениот викенд без ДДВ, освен почитувањето на здравствените протоколи ќе се контролира и евентуална манипулација со цените на производите
Државниот пазарен инспекторат поднесе кривични пријави за четири угостителски објекти кои што ги прекршиле здравствените протоколи за спречување на ширењето на ковид-19. Станува збор за три објекта во Скопје и еден во Битола.
Нерегуларностите биле регистрирани во текот на вчерашниот ден, кога инспекторатот спровел 524 контроли и 26 надзори во угостителски објекти во повеќе градови низ државата.
„Контролите се вршени по основ на придржување на објектите на пропишаните здравствени протоколи и пропишаното работно време. При тоа, утврдени се неправилности во 4 угостителски објекти, коишто ги прекршиле протоколите. Поточно, во 3 објекта во Скопје и во 1 објект во Битола, за што ДПИ ќе поднесе кривични пријави. Истотака, затекнати се два нерегистрирани објекти во Битола и Дебар, и еден објект во Скопје кој не го почитувал пропишаното работно време за што ќе се спроведе прекршочна постапка. Воедно изречени се две мерки за прекршок според Законот за угостителство на два угостителски објекти во Дебар и Скопје“,
се вели во соопштението од кабинетот на вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Контроли имало и во Прилеп, Делчево Кочани, Свети Николе, Струмица, Гевгелија, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга и Куманово, но не биле забележани прекршувања на протоколите.
Во соопштението од кабинетот на Николовски се додава дека инспекциите продолжуваат и во текот на викендот без ДДВ, не само за почитувањето на здравствените протоколи , туку и за тоа дали цените на производите во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите, со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите.