Поранешниот претседател на Собрание, Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристоски и бившиот директор на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски, по вторпат бараат од Кривичен да бидат опфатени со амнестијата од 2018 година. Претходното барање судот им го одби на 16 јуни оваа година, на што тие се жалеа до Апелација, која минатиот месец го укина решението, со што му наложи на првостепениот суд повторно да одлучува
Поранешните високи државни функционери обвинети за организирање на настаните од 27 април 2017 година кога толпа граѓани насилно упаднаа во Собранието, повторно побараа да бидат опфатени со амнестијата од 2018 година која се однесуваше на обвинети за овој настан.

Ваквото барање преку својата одбрана тие го истакнаа на денешната главна расправа од судскиот процес што се води против нив во Основниот кривичен суд Скопје.
Дали ќе го прифати или не, судот ќе се произнесе на следната расправа која е закажана за 14 декември.
„На денешната главна расправа за предметот со КОК бр. 63/23 поврзан со оргнизирање на настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РСМ, одбраната на обвинетите по втор пат побара обвинетите да бидат опфатени со Законот за амнестија за кривичните дела поврзани со настаните од 27–ми април, откако Апелациониот суд Скопје, претходно ги укина решенијата на првостепениот суд и предметот го врати на повторно одлучување. По овие барања судот дополнително ќе се произнесе на следната расправа насрочена на 14.12.2023 година во 10:00 часот“,
се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Инаку, во случајот „Организатори на 27 април“ на обвинителна клупа се поранешниот претседател на Собрание, Трајко Вељаноски, ексминистрите во владата на поранешниот премиер Никола Груевски, Миле Јанакиески и Спиро Ристоски и бившиот директор на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски.
Сите четворица се гонат за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Инаку, ова е вторпат обвинетите во овој случај да бараат од Кривичен да бидат опфатени со амнестијата од 2018 година.
Претходниот обид беше неуспешен.
Имено, на 16 јуни оваа година Судечкиот совет во Основниот кривичен суд Скопје им го одби барањето со образложение дека не ги исполнуваат условите.
Одлуката тогаш ја донесе совет на чело со судијата Илија Трпков, во кој е и судијката Дијана Груевска-Илиевска, како и тројца поротници. Од одбраната тогаш реагираа дека судот продолжува селективно да го применува законот.
На одлуката на Кривичен, обвинетите се жалеа пред Апелација, која минатиот месец го укина решението и му наложи на првостепениот суд повторно да одлучува.
Судскиот процес за случајот „Организатори на 27 април“ во Основниот кривичен суд Скопје се води по вторпат, откако Апелацискиот суд Скопје во април годинава донесе одлука да ја укине првостепената пресуда и предметот да го врати на повторно судење.
Со претходната пресуда од Кривичен, за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест години затвор.
Меѓу причините за укинување на оваа пресуда, Апелација во април наведе и дека првостепениот суд ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот кој беше донесен во Собранието за настаните од „крвавиот четврток“.