Одлуката за продолжување на притворот е донесена непосредно пред истекот на 30-дневниот притвор што Судот им го одреди на осомничените на 5 декември минатата година. Тогаш дел од нив во Кривичен беа спроведени со избричени глави и во комбинезони што ги добиле во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари
Основниот кривичен суд во Скопје на барање на Обвинителството им го продолжи притворот за уште 30 дена на петтемина осомничени за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.

Меѓу осомничените на кои им е продолжен притворот е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој според истрагата, им помогнал на останатите да го грабнат девојчето и се сомничи за кривичното дело грабнување.
Останати тројца за кои е одредено продолжување на мерката се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, осомничени за по две кривични дела – убиство и грабнување.
Инаку, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е Љупчо Палевски-Палчо, кој по бегството од земјава, се наоѓа во Турција, каде што беше лоциран и уапсен по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол. Тој се наоѓа во затвор во Турција и во тек е постапката за негова екстрадиција.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за продолжување мерка притвор против 5 лица, донесе решенија со кои предлогот за продолжуање на мерката притвор се прифаќа и на В. М., В. К., Б. В. за кои постои основано сомнение за две кривични дела убиство од член 123 став 2 точка 1 и точка 4 и член 123 став 2 точка 1 и точка 7 од Кривичниот законик (КЗ), и две кривични дела грабнување од член 141 став1 и член 141 став 2 во врска со став 1 од КЗ, како и А. Ѓ. осомничен за кривично дело грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1 од КЗ, сите поврзани со убиството на малолетната девојка од Скопје – В. Ѓ. и велешанецот П. Ж., им се продолжува притворот за 30 дена“,
се наведува во денешното соопштение од Основниот кривичен суд.
Кривичниот совет на Судот го прифатил и предлогот за продолжување на притворот за нови 30 дена за Стефан Димковски, осомничен за помагање на сторител во извршување на кривично дело, бидејќи го возел првоосомничениот Палевски од Србија до Турција.

Против решенијата за продолжување на притворот, странките, како што наведуваат од судот, имаат право на жалба пред Апелацискиот суд Скопје.
Првично, на осомничените им беше одредена мерка притвор на 5 декември минатата година, непосредно по нивното апсење за грозоморните убиства, кои ја потресоа земјава, но и регионот. Тие тогаш во Судот беа спроведени со избричени глави и во комбинезони кои ги добиле во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата што на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, девојчето било грабнато во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.
На 22 декември од Основното јавно обвинителство соопштија дека ги добиле обдукциските наоди од Институтот за судска медицина, за кои рекоа дека нема да бидат објавени во јавност.