Според соопштението на скопскиот суд, по наредба на обвинител, Палевски наскоро ќе биде изведен пред судија на претходна постапка каде што ќе се произнесе во врска со предлогот на Обвинителството за негов притвор. Не е наведено кога ќе се случи сослушувањето на Палевски, но според досегашната пракса, тоа може да се очекува наредната недела
Основниот кривичен суд Скопје денеска од истражниот затвор во Шуто Оризари го добил официјалното известување во врска со екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо – првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Покрај за екстрадицијата, Судот добил известување и за барањето на Палевски за ангажирање адвокат што ќе го застапува во текот на постапката.

„Судот во рамки на законските одредби ги издава сите дозволи поврзани со истражната постапка која е во надлежност на Основно јавно обвинителство (ОЈО) Скопје и добиените барања ги доставува до предложените адвокати за нивно понатамошно постапување“,
информираат од Кривичниот суд.
Според соопштението на скопскиот суд, по наредба на обвинител Палевски наскоро ќе биде изведен пред судија на претходна постапка каде што ќе се произнесе во врска со предлогот на Обвинителството за негов притвор. Не е наведено кога ќе се случи сослушувањето на Палевски, но според досегашната пракса, тоа може да се очекува наредната недела. Судот, како што велат оттаму, благовремено ќе ја извести јавноста по однос на ова прашање.
Љупчо Палевски-Палчо пред два дена беше екстрадиран од Турција. Веднаш по доаѓањето во земјава беше спроведен во истражниот затвор „Скопје“ бидејќи Судот во негово отсуство му одреди 30-дневен притвор.
Од републичкото Јавно обвинителство вчера соопштија дека во врска со Палевски се преземаат истражни дејствија кои во оваа фаза од постапката не можат да бидат споделени со јавноста.