Претседателката на судечкиот совет во случајот „Ласкарци“ и претседателот на Кривичен денеска имале средба и со роднините на загинатите кои минатата недела се собраа пред судот за да го искажат револтот од одолговлекувањето на судскиот процес и да побараат правда
Основниот кривичен суд Скопје денеска писмено се обратил до Бирото за судски вештачења и побарал до 5 декември годинава да биде доставено супервештачење за автобуската несреќа кај скопското село Ласкарци, а на кое се чека една година и поради што судскиот процес тапка во место.
Доколку до понеделник предметот со сите списи и вештачењето не биде доставено до судот или нема објаснување зошто се доцни, Кривичен најавува парична казна за Бирото.
„Заради недозволеното одолговлекување на супервештачењето, судот денеска писмено се обрати до Бирото со напомена дека доколку до 05.12.2022 година предметот со сите списи и со изготви вешт наод и мислење на биде вратен во судот или доколку од страна на вештите лица не се достави образложен извештај со причини зошто вештиот наод сè уште не е изготвен, судот ќе биде принуден да ја искористи Законската можност за парични казни на Бирото за судски вештачења, согласно член 237 ст. 3 од ЗКП, како последен инструмент кој му стои на располагање“,
велат од Кривичен.
Откако двете страни во овој судски процес – обвинителството и одбраната доставија вештачења, судот лани на 21 декември го испрати предметот на супервештачење во Бирото откако претходно Техничкиот факултет во Битола одби да го изврши вештачењето поради недостиг на стручни лица.
Оттогаш до сега, испратени се дури десет ургенции, но вештачењето не е готово.
Додека судскиот процес тапка во место, кај роднините на загинатите патници во автобуската несреќа расте револтот, па тие минатата недела се собраа пред судот и бараа правда.
Со нив денеска се видела судијката Дијана Груевска, која е претседателка на судечкиот совет во случајот и претседателот на Судот, Иван Џолев.
„Надлежниот судија и претседателот се согласни со претставниците на оштетените дека постои застој во постапувањето по конкретниот предмет, кој застој не е по вина на судот. Заради тоа, оштетените беа детално и со сите писмени известија и ургенции, запознаени за сите дејствија кои судот ги има преземено изминатава година за навремено добивање на супервештачењето од надлежното Биро за судски вештачења, кое е неопходно за завршување на доказната постапка и донесување на првостепена пресуда“,
велат од Кривичен.
Оттаму повторно велат дека тие како суд ги презеле сите мерки со цел во разумен рок да се одвива судењето и повторно потенцираат дека вината не е во нив.
Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година кога автобус на „Дурмо турс“ кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Загинаа 16 патници, а 37 беа повредени. Обвинети во овој судски процес се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.