Невладиниот сектор кој ги следи состојбите со правосудството вели дека критиките мора да се слушнат, да се утврдат изворите на проблемите и институциите да бидат повеќе самокритични. Пораките од меѓународната заедница за борбата со корупцијата не ги отфрлаат ниту првите луѓе на Судскиот и Советот на јавни обвинители, кои сметаат и ветуваат поенергична борба, а најавуваат и поголема транспарентност за да може да видат резултатите
Очигледно е дека кај меѓународните партнери постои загриженост за тоа што е постигнато во борбата против корупцијата. Критиките треба да се слушнат и да се адресира каде точно во пракса се соочуваме со проблемот, секој да започне со расчистување на корупцијата во сопствениот домен, а потоа да бара некој друг да преземе чекори.
Вака во неколку реченици може да се сублимираат ставовите на невладиниот сектор, кој изминатите години ја следи состојбата со реформите во правосудството, а по критиките кои ги изнесоа амбасадите на САД и на европските земји, дека она на што треба да се посвети земјата е искоренување на корупцијата.

„Очигледно е дека постои грижа кај партнерите однадвор за тоа што е постигнато во борбата против корупцијата. Ние ги имаме многубројните институции веќе многу време и очигледно е дека се очекува многу посеопфатно да се бори државата со овој проблем од она што е во моментов. Ние немаме доволно бројки на високопрофилирани случаи на корупција, честопати и затајуваат во процесите и во однос на должината и се очекува јасно дека оваа пракса треба да се промени“,
вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика (ЕПИ).
ЕПИ и останатите организации од Блупринт-групата која ги следи реформите во правосудството денеска го презентираа извештајот за тоа колку се спровела реформата во правосудниот сектор за периодот 2017-2022 година.
- Агелер: Корупцијата продолжува да го кочи напредокот на С Македонија, иако земјата чекори кон ЕУ
- Американската амбасадорка Агелер: Корупцијата ве кочи, неказнивоста мора да заврши
- Американски тим за санкции дојде во Скопје за поагресивно да истражува корупција кај функционери
Дел од Блупринт-групата е и Коалицијата „Сите за правично судење“, а Дарко Аврамовски од оваа организација вели дека критиките од амбасадорите треба да се слушнат и адресираат, за во иднина да немаме нови стратегии кои во пракса нема да дадат резултат.

„Критиките треба да бидат слушнати и адресирани, дури и ако некој не се согласува со критиките мора да се обрне внимание на тоа за да видиме, лоцираме, каде точно во праксата ние имаме проблеми со корупцијата. Кои се изворите на проблемите со корупција во судството. Откако ќе се увидат тие процеси потребно е креирањето на новата стратегија да биде многу потемелно, многу посоодветно да биде изведено планирањето и да се посвети внимание на тој процес, за да не дојдеме во ситуација повторно да имаме стратегија за реформи кои во пракса нема да дадат никаков резултат“,
вели Аврамовски.
Според него, еден од проблемите е што институциите и различните инстанци на власта, како извршната и судската, си ја префрлаат топката едни на други. Има разлика, вели тој, од тоа да се увиди дека има проблем со тоа да се постави соодветна дијагноза.
„Тоа е еден од проблемите што ниту една институција не сака да преземе одговорност и што проблемите за корупција секогаш ги гледа како екстерни фактори кои доаѓаат од надвор и неминовно влијаат врз нив. Менталитетот дека ние правиме се како што треба, меѓутоа имаме проблеми кои влијаат од надвор и на кои не можеме да влијаеме е тоа што нè спречува вистински да ги адресираме проблемите. Институциите мора да бидат многу повеќе самокритични и да го средат тоа што е во нивен домен, па дури потоа да се премине на таквото барање од други институции да преземат некои чекори. Многу е различно да увидите дека има некаков проблем и да можете да поставите соодветна дијагноза на што се должи тој проблем“,
смета Аврамовски.
Првите луѓе на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, телата кои треба да бидат меѓу најмоќните во правосудството, не ги отфрлаат критиките за корупцијата од меѓународните партнери и согласни се дека е потребна поенергична борба, но и поголема транспарентност од нив и од обвинителствата и судовите.
На прашањето како да се реши корупцијата за што изминатиот период слушаме критики, претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, вели тоа најмногу зависи од работата на обвинителствата, пред сè, на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) кое се занимава со високопрофилирани случаи.

„Овде е работа на обвинителството, посебно на ОЈО ГОКК, ќе видиме резултатите како и кога ќе почнат да излегуваат бидејќи тоа е подолг процес. Не е процес за веднаш да се видат резултатите, меѓутоа треба да се започнат постапките и треба да се отворат предмети онаму каде е очигледно, каде има индиции. Да ги проверат сите наводи. Не треба нас само од странство да ни кажат. Сметам дека тоа обвинителство ќе треба сега, кога има веќе има шеф, да започне поинтензивно да работи на тие предмети“,
вели Јолевски.
Тој вели дека не е до тоа дека досега немало борба против корупцијата бидејќи за такви случаи се воделе предмети, но проблем е и колку јавноста дознала за нив. Оттука, смета дека дел од перцепцијата во јавноста се должи и на затвореноста на обвинителствата, па затоа порачува дека потребна е и поголема транспарентност односно информирање за постапките кога тоа е можно.
„Не велам дека корупцијата не е на високо ниво, велам дека е, но велам и дека и досега се работело. Не е само дека сега се работи, меѓутоа сега е поизразено и затоа ни укажале сите, затоа треба поенергична борба“,
коментира претседателот на Советот.
Тој проблем во борбата со корупцијата лоцира и во тоа што нема екипираност на обвинителствата односно недостасуваат околу една третина од потребниот број – се работи со недостаток од 82 обвинители, од потребните околу 240.
Исто како и Јолевски кој смета дека треба поенергична борба, поригорозна мерки по критиките од амбасадорите најавува и новата претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева.

„Во рамки на своите надлежности Судскиот совет има механизми да се бори во тој дел, во коруптивните дејствија доколку ги констатира, но за тоа треба да има докази и факти. Судскиот совет има донесено одлука за разрешување поради коруптивно дејание, меѓутоа тоа е од поодамна. Но, неспорна е заложбата на Судскиот совет дека во наредниот период ќе преземе поригорозни мерки во насока на расчистување на таквите дејствија и онаму каде има законска надлежност ќе постапува“,
вели Дамева.
Меѓутоа, таа нагласува дека за да може да се постапува на Судскиот совет му се потребни докази и факти, а во тоа мора да помогнат и граѓаните бидејќи вели дека странките се тие кои може да кажат дали одреден судија примил мито.
„Тоа барем јас откако сум член на Судскиот совет, не било поткрепено со докази, најчесто се тие паушални наводи и во случаи кога се паушални наводи во одредена претставка, и во тој случај Судскиот совет доставил известување до јавното обвинителство за да ги провери таквите наводи“,
вели Дамева.
И таа ветува дека ќе има поголема транспарентност од Судскиот совет за да може да бидат видливи резултатите, но и соработката со останатите институции вели дека ќе ја интензивира бидејќи тоа на Советот му е неопходно за да може да открие и докаже коруптивни дејствија.