Турскиот министер за здравство, Кемал Мемишоглу, изрази сочувство и ја потврди подготвеноста на Турција да ѝ помогне на Северна Македонија, нагласувајќи дека земјата останува подготвена да обезбеди дополнителна медицинска помош доколку биде потребно
Девет пациенти повредени во пожарот во дискотеката во Кочани пристигнаа во Ургентниот центар на Србија, додека тројца пациенти се примени на Воено-медицинската академија (ВМА), јави МИА.
Дванаесет пациенти повредени во несреќата во дискотеката во Кочани ноќеска со авион CASA C-295 на српската армија се пренесени од Скопје во Белград и ќе бидат згрижени во ВМА и Клиничкиот центар на Србија.
Претходно, авион со четворица лекари и четворица медицински техничари полета за Скопје за медицинска евакуација на повредените во несреќата. Двајца пациенти кои со воени амбулантни возила биле пренесени од Скопје на лекување во Воената болница Ниш и Клиничкиот центар Ниш.
За да им се пружи помош на повредени, планирано е во Северна Македонија да останат двајца лекари од ВМА (пластичен хирург и анестезиолог) и медицински техничар.
Тројца критично повредени во пожарот синоќа беа пренесени во Турција со медицински авион на турското Министерство за здравство.
Авионот слета на аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул, каде што повредените беа префрлени во центарот за изгореници при болницата „Башакшехир Чам и Сакура“ за понатамошен третман, јави Анадолија.
Како одговор на итното барање на македонските власти, Турција испрати два медицински авиони за евакуација.
Првиот авион ги транспортираше тројцата повредени во Истанбул, додека вториот, управуван од турското Министерство за одбрана, пренесе уште шест лица во болницата „Билкент“ во Анкара за специјализиран третман.
Турскиот министер за здравство, Кемал Мемишоглу, изрази сочувство и ја потврди подготвеноста на Турција да ѝ помогне на Северна Македонија, нагласувајќи дека земјата останува подготвена да обезбеди дополнителна медицинска помош доколку биде потребно.