Руското Министерство за транспорт соопшти дека веќе е укинато ограничувањето за движење на автомобили и автобуси по коловозните ленти на мостот на Крим кои не беа погодени од експлозијата рано утринава. Во соопштението се наведува дека сообраќајот засега ќе биде ограничен само на преминување на делот меѓу Крим и полуостровот Таман.
Како што пренесе „РИА Новости“ рускиот вицепремиер Марат Куснулин најавил дека од утре рано наутро сообраќајот на мостот ќе се одвива во двете ленти.
„Визуелно го прегледавме мостот. Движењето на автомобилите започна по една лента. Задачата беше да се подготви преку ноќ за утре во текот на денот да започне сообраќај по две ленти“
изјавил Куснулин.
Гувернерот на Крим, Сергеј Аксјонов претходно изјави дека тешките товарни возила ќе поминуваат со траекти.
Експлозијата урна два сегменти од една од двете коловозни ленти и предизвика голем пожар на железничкиот дел од објектот. Според првичните податоци има тројца загинати.
Првично сообраќајот на мостот беше целосно запрен, но до 16 часот по локално време повторно беше отворен за автомобили и автобуси. Се очекува возовите да продолжат вечерва.