„Секој чекор носи последици. Ако јас како Албанец си гласам за албанска политичка партија и после вие имате победник од македонската страна кој цело време ќе бира кој ќе му биде послушник од Албанците, се доведува во прашање дали Албанецот треба да гласа во Македонија. Ако вие го немате вашиот претставник во институциите претставен од легитимни претставници, тогаш вашиот глас нема никаква тежина“, вели сè уште актуелниот министер за правда, кој е кадар на Алијанса за Албанците на Зијадин Села

Со „Вреди“ беше џентлменски договорено дека тие што ќе победат на изборите треба да бидат претставници на Албанците во Владата, а сега се губи легитимитетот. Ова во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 го изјави сè уште актуелниот министер за правда, Кренар Лога, кој е кадар на Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села.
Прашан за искуството од 2016 година кога ДУИ реши наместо во ВМРО-ДПМНЕ, која имаше два пратеника повеќе од СДСМ, сепак да прави влада со СДСМ, а не со ВМРО-ДПМНЕ, Лога рече дека тогаш разликата била минимална.
„Прво, му се даде мандат на победникот кај македонскиот дел кој не успеа, поради негова вина или вината на некој друг, да направи мнозинство од 61 пратеник и нова влада. Како и да е, толку минимална беше разликата, а имаше и прегласување, па во тие околности кога имавме заробена држава, не се ни знае дали ВМРО-ДПМНЕ беше вистински победник. Како и да е, ако сакаме да ја зачуваме унитарноста на Македонија, вие мора да обезбедите кој ќе биде легитимен претставник на Албанците“,
рече Лога.
На прашањето дали сака нешто да најави со тоа што вели „ако сакате да ја зачувате унитарноста“, Лога одгвори:
„Не сакам да најавам. Секој чекор носи последици. Ако јас како Албанец си гласам за албанска политичка партија и после вие имате победник од македонската страна кој цело време ќе бира кој ќе му биде послушник од Албанците, се доведува во прашање дали Албанецот треба да гласа во Македонија. Ако вие го немате вашиот претставник во институциите претставен од легитимни претставници, тогаш вашиот глас нема никаква тежина“,
одговори тој.

Лога рече дека при дијалогот со ВМРО-ДПМНЕ и со меѓународната заедница го дискутирале прашањето за вредноста на гласот на Албанците во Македонија.
„Ако Албанецот нема да има можност да гласа, во овој случај ќе гласа само формално бидејќи некој друг ќе одлучува за него, вие ќе имате деформирање на системот. Ако имате деформирање на системот, тоа ќе има последици. Ние не сакаме да ги отвориме овие прашања бидејќи, знаете, лесно е да се биде патриот во една држава кога вие сакате да ја нарекувате како што сакате, а од друга страна, да барате од помалите заедници или, во овој случај, втората најголема заедница во државата да ја користи како украс во власта, без да има можност да владее во Македонија“,
смета Лога.
Прашан – како ќе се поставеше „Европски фронт“, ако беше во позиција да преговара за формирање нова влада со ВМРО-ДПМНЕ, во однос на прашањата за уставните измени и за Прeспанскиот договор, Лога рече дека нивниот став е да се отвори Уставот, а ВМРО-ДПМНЕ ѝ давала лажна надеж на јавноста дека е можно „процесот на договарање со Бугарија да се измени“.
Прашан дали може да се очекува „Европски фронт“ да го смени статусот и во еден момент да стане дел од власта, Лога рече дека Албанците одлучиле тие да бидат дел од владејачкото мнозинство, но тоа не би било возможно заедно со „Вреди“.
„Мора Албанците да имаат опозиција и во овој дел ‘Влен’ би требало да се конструктивна опозиција“,
рече Лога.