Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, сепак, додаде дека ќе има посебен руско-американски сегмент во преговорите
Украина ќе биде вклучена во преговорите за окончување на војната – соопшти Кремљ по реакциите на украинскиот претседател, но и на шефовите на дипломатиите на дел од земјите на ЕУ, дека меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин ќе има „непосредни преговори“ за војната во Украина.
„На еден или друг начин, се разбира, Украина ќе учествува во преговорите“,
изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.
Сепак, додаде дека ќе има посебен руско-американски сегмент во преговорите.
„Ќе има билатерален руско-американски дел во овој дијалог, поврзан со вклученоста на Украина“,
додаде Песков.
Портпаролот на Кремљ рече и дека организацијата на средбата меѓу рускиот и претседателот на САД може да потрае и неколку месеци. Состанокот, како што претходно најави и Трамп, се очекува да се одржи во Ријад – главниот град на Саудиска Арабија. Според Песков, средбата би можела да се одржи таму со оглед на тоа што, како што рече, рускиот претседател има многу добри односи со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Претходно денеска, украинскиот претседател Володимир Зеленски остро реагираше на договорот на американскиот претседател Доналд Трамп со претседателот на Русија, Владимир Путин, за почеток на преговори за ставање крај на војната со Украина, велејќи дека нема да прифати никаков договор без учество на Киев.