Банкмен-Фрид беше уапсен минатата година во декември на Бахамите по налог на американското обвинителство, откако неговата фирма Еф-ти-екс банкротира. Тој сега се соочува со затворска казна во траење од неколку децении, а датумот кога треба да биде соопштена пресудата е одреден за 28 март следната година
Сем Банкмен-Фрид, кој некогаш ја водеше една од најголемите берзи за крипто-валути во светот – Еф-ти-екс (FTX) е прогласен за виновен за измама и за перење пари. Ова е исходот од едномесечниот судски процес што против него се водеше во Њујорк, јавуваат светските медиуми.
Поротата, како што пренесува Би-би-си, одлуката со која тој е прогласен за виновен ја донела по помалку од пет часа разгледување на доказите.
Пресудата, според британскиот национален сервис, претставува неверојатен пад во кариерата за 31-годишниот поранешен милијардер и едно од најекспонираните лица во индустријата на крипто-валути.
Инаку, Банкмен-Фрид беше уапсен минатата година во декември на Бахамите по налог на американското обвинителство откако неговата фрима Еф-ти-екс банкротира.
Тој сега се соочува со затворска казна во траење од неколку децении, а датумот кога треба да биде соопштена пресудата е одреден за 28 март следната година.
„Сем Банкмен-Фрид ја изврши една од најголемите финансиски измами во американската историја – во (криминална) шема од повеќе милијарди долари дизајнирана да го направи крал на криптото… Овој случај отсекогаш бил за лажење, мамење и кражба, а ние немаме трпение за тоа“,
рекол обвинителот Демијан Вилијамс во изјавата по пресудата.
Обвинителите го товареа Банкмен-Фрид дека ги лажел инвеститорите и заемодавачите, како и дека украл милијарди долари од берзата за крипто-валути Еф-ти-екс, што предизвикало да се забрза нејзиниот колапс. Обвинението се однесуваше за седум точки за измама и перење пари.
Банкмен-Фрид во случајот се изјасни за невин по сите обвиненија тврдејќи дека иако правел грешки, сепак, сите постапки му биле со добра намера.
„Ја почитуваме одлуката на поротата, но многу сме разочарани од резултатот. Г. Банкмен-Фрид останува на ставот дека е невин и ќе продолжи енергично да се бори против обвиненијата“,
рекол адвокатот на Банкмен-Фрид, Марк Коен.
Портпаролот на поранешниот милијардер, не одговорил на барањето на Би-би-си за коментар, дали тој планира да поднесе жалба на пресудата.
Инаку, тројца негови поранешни блиски пријатели и колеги, вклучително и неговата поранешна девојка Керолин Елисон, опфатени во случајот, се изјаснија за виновни и се согласија да сведочат против него со надеж дека ќе добијат намалување на казните.
Пресудите против нив допрва се очекуваат.
„Владата го доби овој случај со тоа што вршеше голем притисок врз соработниците случувајќи договори со нив многу рано и судејќи по овој случај на многу рационализиран начин“,
рекол поранешниот федерален обвинител Ренато Мариоти.
Во текот на судскиот процес обвинителството презентирало докази дека фирмата за трговија со крипто-валути на Банкмен-Фрид, „Аламеда рисрч“ (Alameda Research), добивала депозити во име на клиентите на Еф-ти-екс уште во раните денови на трговија, кога традиционалните банки одбивале да ѝ дозволат на фирмата да отвори сметка.
Наместо да ги заштити тие средства, како што Банкмен-Фрид постојано ветуваше во јавноста дека ќе направи, тој ги искористил парите за да ги отплати кредиторите на „Аламеда“, да купи имот и да направи инвестиции и политички донации.
За пет од обвиненијата за кои е прогласен за виновен тој се соочува со максимална затворска казна од по 20 години, а за другите две на казна од најмногу пет години затвор.
Тоа значи дека Банкмен-Фрид се соочува со потенцијална максимална казна од 110 години затвор, која, како што пишува Би-би-си, е малку веројатно дека судијата ќе ја изрече. Сепак, се очекува поранешниот милијардер да се соочи со затворска казна која ќе трае со децении.