Од Комисијата информираат дека христијанската црква „Блага вест“ и Константин Кајшаров треба да внимаваат во односите со јавноста, да не се создава сензационализам од манифестациите на верата, како и при најавата на активности и нивната реализација да им стави јасно до знаење на луѓето дека ги организира христијанската црква „Блага вест“, со цел намалување на можностите луѓето да направат превид и да западнат во заблуда
Неколку дена социјалните мрежи „вријат“ од објавите за исцелувачот Константин Кајшаров кој најави дека оваа сабота во Скопје ќе има настан за „ослободување од демони, од проклетства и маѓии“. Во објавата на фејсбук-страницата на христијанската црква „Блага вест“, чиј претседател е Кајшаров, стои само дека оваа сабота од 18 часот ќе биде организиран настанот, но не е наведена локацијата. Единствено има оставено телефонски број на кој секој заинтересиран за бесплатниот перформанс може да се пријави.

Исто така, на фејсбук-страницата има објавено и видеа од перформансите што ги изведува, а во коментарите под нив може да се видат и некои со негативна содржина дека перформансот не е бесплатен, дека е исцелител со плацебо ефект.
Објавата, која неколку дена се „врти“ на социјалните мрежи, денеска беше причина да се огласи и Комисијата за односи со верските заедници која цврсто стои на ставот дека предрасудите не се мерило за пропустите против законот.
„Комисијата, сериозно разгледувајќи го работењето на субјектот, им укажува на христијанската црква ‘Блага вест’ и на нејзиното одговорно лице Константин Кајшаров особено да внимаваат во односите со јавноста да не се создава сензационализам од манифестациите на верата и со зголемено внимание да се почитува интегритетот и достоинството на луѓето кои одлучиле да бидат дел од неговите обреди и ритуали, како и при дејствувањето, најавата на активности и нивната реализација да им стави јасно до знаење на луѓето дека ги организира христијанската црква ‘Блага вест’, со цел намалување на можностите луѓето да направат превид и да западнат во заблуда“,
велат од Комисијата.
Од Комисијата информираат дека во непосреден контакт со правното лице Доброволна заедница на физички лица христијанска црква „Блага вест“ регистриран верски субјект во Единствениот судски регистар под број РСВЗРГ-1/16, утврдила дека лицето Константин Кајшаров кој самостојно ја информира јавноста за неговите активности кои ги дефинира како исцелување, ослободување од демони, проклетства и магии и за кои споделува видео прикази е одговорно лице, претседател и верско лице на Доброволната заедница на физички лица христијанска црква „Блага вест“ и како таков ги презема своите активности.
„Во демократски уставно-правен систем каков што е и тежнее да биде македонскиот, слободата на вероисповед и манифестации на својата вера е неприкосновено право на секој граѓанин, исто како што е неприкосновена и гарантирана полната слобода секој граѓанин да одлучи дали ќе биде дел од одредени манифестации на вера, ритуали и обреди“,
велат од Комисијата за односи со верските заедници.
Оттаму посочуваат дека доколку било кој граѓанин бил доведен во заблуда, измамен или принуден против својата волја има право на судска заштита на своите права.
„Граѓанин кој има сознание, пак, дека некое лице извршило кривично дело или друг деликт е повикан тоа да го пријави. Секој човек има обврска и можност да размисли, но и право по сопствена совест да одлучи кому и дали ќе положи верба“,
нагласуваат од Комисијата.