Заклучно со 2 мај, вакцинирани се 76 937 граѓани. Од нив, 15 334 примиле и втора доза. Најголем број биле вакцинирани со „спутник В“
Во текот на мината недела (од 26 април до 2 мај) направени се 14 975 тестирања за ковид-19, а од нив се регистрирани 2 076 новозаразени, што во просек е 13,1 проценти позитивни случаи од тестираните, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во споредба со една недела претходно, бројот на позитивни случаи е намален за 39,7 отсто.
Најголем дел од новите случаи во периодот од 26 април до 2 мај се во Скопје – 41,5 проценти.
Најмногу заразени се над 60 години
Кога станува збор за возрасната група, најголем број од 2 076 заразени се над 60 години или 37,6 отсто.
Во група од 50 до 59 години се 16,8 проценти од новозаразени, од 40 до 49 се 16 отсто, од 30 до 39 се 15,6 проценти, од 20 до 29 се 8,3 проценти.
Најмал број од новите случаи се кај децата на возраст од 0 до 9 години – 1,6 проценти и од 10 до 19 години – 4,1 проценти.
Помалку починати, но и помалку оздравени
Според извештајот на ИЈЗ, минатата недела биле пријавени 167 смртни случаи од 22 градови што е за 20,9 отсто помалку во споредба со неделата претходно. Најголем број од починатите – 150, биле над 60 години, 15 жртви биле помеѓу 50 и 59 години, а по едно починато лице имало во возрасните групи од 30 до 39 и од 40 до 49 години.
Извештајот покажува дека се намалил и бројот на оздравени. Со статус „оздравени“ од 26 април до 2 мај се стекнале 4 012 лица што биле хоспитализирани или на домашно лекување што претставува намалување за 34,5 отсто во споредна со една недела претходно.
Речиси 77 000 граѓани се вакцинирале
Првите вакцини против ковид-19 во земјава почнаа да се користат од 17 февруари годинава, а од 5 април почна и масовната вакцинација во „А1 арената“ во спортскиот центар „Борис Трајковски“, а заклучно со 2 мај вакцинирани се 76 937 граѓани. Од нив, 15 334 примиле и втора доза.
Од нив:
- Со „Фајзер“ 19 858 граѓани (15 933 со прва доза и 3 925 со втора доза);
- Со „спутник В“ 34 177 граѓани (22 768 со прва доза и 11 409 со втора доза);
- Со „Астра Зенека“ 21 949 граѓани;
- Со „Синофарм“ 953 граѓани.