Во неделниот ковид-извештај се наведува дека нема починати лица во текот на минатата недела, но заведени се осум смртни случаи кои се пријавени преку системот Мој термин, а се во периодот од 14 септември до 21 октомври годинава
Во текот на изминатата (31.10-06.11.2022) направени се 3 281 тест, а регистрирани се 196 нови случаи на ковид-19, информираше Министерството за здравство.
Процентот на позитивни, според ковид-билтенот, се движен од 1,5 до 8,2 отсто или просечно изнесува 5,7 отсто.
Во споредба со една недела претходно, пак, бројот на позитивни е намален за 14,8 отсто.
Новите 196 случаи се во: Скопје – 127, Прилеп – 21, Охрид – 10, Битола – 8, Штип – 5, Кавадарци и Кочани – по 4, Неготино – 3, Куманово, Струмица и Кичево – по 2, Тетово, Велес, Гостивар, Струга, Гевгелија, Радовиш, Дебар и Македонски Брод – по 1.
Од вкупниот број на позитивни минатата недела (196), 50 биле реинфекции.
Повеќе од половина заразени се над 60 години
Во ковид-билтенот за минатата недела се посочува дека новите заболени се во сите возрасни групи, но најмногу пријавени се кај возрасната група над 60 години. Дури 100 случаи или 51 отсто се кај оваа возрасна категорија.
Минатата недела без починати, но пријавени се осум смртни случаи од претходно
Кога станува збор за бројот на озравени пациенти, во текот на минатата недела тој изнесувал 221 што е за 5,6 отсто помалку во споредба со една недела претходно.
Оздравените се во: Скопје – 159, Прилеп – 14, Битола – 8, Штип и Кавадарци – по 5, Куманово – 4, Охрид, Кичево и Кочани – по 3, Велес, Гостивар, Струмица, Гевгелија и Ресен – по 2, Крива Паланка, Делчево, Берово, Виница, Кратово, Богданци и Македонски Брод – по 1.
Според ковид-билтенот, во периодот од 31.10-06.11.2022 не се пријавени починати лица. Меѓутоа, во овој извештај се заведени осум смртни случаи од претходно. Станува збор за пациенти заведени согласно регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од системот Мој термин, кои битката со коронавирусот ја загубиле во периодот од 14 септември до 21 октомври.
Најмногу од смртните случаи се од Скопје – три. Два се во Прилеп, а по еден во Битола, Охрид и Штип. Пациентите биле на возраст од 70 до 95 години.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 344 342, бројот на оздравени пациенти е 334 556, на починати е 9 572, а бројот на активни случаи изнесува 214.