Бројките од дневните извештаи на здравствените власти покажуваат дека во месец јуни починале повеќе македонски граѓани од ковид-19, отколку во сите претходни месеци од почетокот на епидемијата
Починати се 4 лица, по еден пациент од Скопје, Прилеп, Тетово и Гостивар. Ова се зборовите со кои министерството за здравство ги соопшти денешните детали за тоа кои лица во последниве 24 часа ја загубија битката со ковид-19.
Бројката, на прв поглед, изгледа ветувачка особено по вчерашните 12 смртни случаи. Но, не е така ако податоците се разгледаат малку пошироко, од почетокот на епидемијата со ковид-19 во Македонија.
Како што покажува следниот графикон, кој ги претставува вкупниот број на смртни случаи според датумот на кој бил соопштени на јавноста, од првиот смртен случај во земјава има неколку нагли зголемувања. Такви се кратки периоди на почетокот и на средината на април, потоа на почетокот и на средината на мај, за од почетокот, а особено средината на јуни линијата остро да тргне нагоре.

Средината на јуни со најмногу смртни случаи
Доколку пак бројот на смртни случаи се анализира на неделно ниво, почнувајќи од датумот кога беше потврден првиот смртен случај од новиот вирус, бројот на смртни случаи во јуни е драматично поголем од неделите во останатите месеци.
Како што покажува графиконот подолу, при првиот врв на заразата (III и IV недела на графиконот) бројот на смртни случаи на неделно ниво достигна до највисоки 17 случаи. Потоа, во првата половина на мај имаше една седмица со драматичен раст на смртните случаи (23), за трендот повторно да се смири. Но, од втората половина на мај бројките повторно почнаа да растат за да стигнат до највисоки 54 смртни случаи за една седмица во XIII недела од јуни (од 14 до 20 јуни). Претходната недела имало 44 случаи, додека актуелната, која штотуку започна, веќе бележи 16 смртни исходи.

Во јуни, од ковид-19, починале повеќе лица отколку во сите претходни месеци
Сликата за тоа колку е посилен актуелниот бран од ковид-19 од претходниот најдобро го покажува месечниот преглед на смртни случаи од вирусот.
Така, во март официјално се објавени 9 смртни исходи. Во април, таа бројка е неколкукратно повисока, односно 68 починати од ковид-19. Во мај, бројот паднал на 56 смртни исходи, за во јуни да се зголеми за три пати споредено со претходниот месец, на дури 169 починати од коронавирусот за 30 дена.

Македонија е меѓу попогодените земји во Европа од вирусот
Според најпопуларниот светски агрегатор на податоци за состојбата со ковид-19 во земјава, worldmeters, на Стариот континент има податоци за 48 различни држави и територии. Според бројот на смртни случаи на милион жители од почетокот на пандемијата, најлошо поминале граѓаните на Сан Марино, со 1 238 смртни исходи на еден милион жители. Топ пет листата ја комплетираат Белгија, Андора, Обединетото кралство и Шпанија. Македонија се наоѓа на 16 место, меѓу Португалија и Молдавија.
Иако граѓаните често ги користат ваквите споредби, тие не се секогаш добар показател бидејќи различни држави различно ги регистираат бројот на смртни случаи.
Кога е во прашање бројот на заразени на еден милион жители, Македонија е поблиску до средината, на 21 место. Бројките во земјава, според населението, се близу на оние кои ги регистрираше Холандија и Швајцарија. Претходно, земјава беше далеку пониско на овие листи, но скокот на нови случаи во јуни ја смени сликата.