На Институтот за јавно здравје денеска му требаше повеќе време за да го изготви ковид-19 прегледот за претходниот ден. Така, дури околу 20 часот јавноста ја дозна непријатната вест – во последните 24 часа биле регистрирани рекорден број на новозаразени со ковид-19 од почетокот на епидемијата во земјава, дури 445.
Високата бројка доаѓа во период кога речиси секој нареден ден го руши бројот на новозаразени поставен само 24 часа претходно. Веќе е јасно дека почна т.н. есенски бран и прашање е само до колку „високо“ може да оди.
Додека нема дилеми дека бројките од 400+ заразени се застрашувачки, „360 степени“ провери дали земјава е исклучок со растечкиот тренд на новозаразени или, пак, е дел од поширока тенденција. Го направивме тоа преку споредба на последните ковид-19 статистики од соседството и од развиените земји, приспособени на актуелната проценета популација на тие држави.
По таа формула, Македонија денеска има 209 нови случаи на ковид-19 на еден милион жители, на проценета популација од 2 125 971 жители. Тоа значи дека во земјава е полошо од Хрватска (177 случаи на милион), САД (158), БиХ (126), Италија (117), Бугарија (113) и Албанија (66). Но, од друга страна, Македонија има значително подобри бројки од Велика Британија (300), Црна Гора (316), Франција (333) и Словенија (336 нови случаи на милион жители)

Сепак, и оваа споредба не смее да се зема без резерви. На пример, во Словенија во последните 24 часа се регистрирани 707 новозаболени, но до таа бројка е дојдено со направени 4 902 теста.

Тоа значи дека процентот на позитивни тестови во Словенија е 14,42%, односно дека на 100 тестирани, приближно 14 пациенти биле позитивни.
Во Македонија денешните 445 случаи се откриени преку 2 441 теста. По истата формула како за Словенија, тоа значи дека биле позитивни 18,23% од тестовите или 18 лица на секои 100 тестирани.