Во Кина денеска се пријавени два нови случаи на коронавирусот, додека провинцијата Хубеј, некогашно жариште на епидемијата, го одбележува 32-от ден без нов случај на оваа зараза.
Тоа се смета за најголемо достигнување во борбата на Кина против ковид-19, додека земјата ги олесни ограничувањата и полека се враќа во нормален живот, пренесува Би-би-си.
Денеска во цела Кина се пријавени два нови случаи, со што вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата изнесува 82 883, а починале 4 633 лица.
Кина е во центарот на судирот меѓу САД и Светската здравствена организација поради обвинувањата дека Пекинг ги криел вистинските податоци за размерот на епидемијата, што довело до ненавремено реагирање на меѓународните здравствени експерти и со тоа неконтролирано ширење на коронавирусот во светот.
Поради тоа, американскиот претседател Доналд Трамп побара да се запре финансирањето на СЗО.
Според интернет-страницата „Ворлдометерс“, досега во светот од ковид-19 заболеле 3 728 879 лица, од кои 258 372 починале, а 1 245 151 оздравиле.
Во моментов има 2 225 356 активни случаи, од кои 98 отсто се со лесни симптоми, а 49 248 (2%) се во тешка состојба.