Во изминатите денови е зголемен бројот на позитивни случаи на ковид-19 во Грција, особено кај посетителите што доаѓаат на летен одмор во земјата. Вчера беа соопштени 50 нови случаи, од кои 24 кај туристи.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за денеска свика состанок со надлежните министри за да разговараат за текот на оперативниот план за контроли на влезните точки во Грција.
Изминатите денови владата соопшти дека поради порастот на увезени случаи особено преку копнените граници можно е да се воведат нови мерки кои би можеле да вклучат и забрана за влез на државјани од некои земји, особено поради ескалацијата на коронавирусот на Балканот.
Од вчера властите ги продолжија ограничувањата за присуство во верските објекти до 21 август, според кои на литургија, крштевки, венчавки и погреби може да присуствуваат најмногу 100 луѓе.
Според мерките, на површина од 5 квадратни метри може да има најмногу едно лице и мора да има растојание од 1,5 метар меѓу две лица.