Во ковид-центрите во болниците низ земјава вкупно се лекуваат 725 пациенти со ковид-19 и има околу 600 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство за состојбата во изминатите 24 часа.
Од нив 410 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот се во болниците надвор од главниот град, додека во Скопје тој број е 315, од кои 23 се примени во изминатото деноноќие.
Според извештаите од болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 26 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19, во Штип се хоспитализирани 36 пациенти, на инфективното одделение во Тетово има 15 пациенти, во Велес се лекуваат 34, а во Куманово 67 пациенти. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 45 пациенти, во Прилеп 50 ,во ковид-центарот во Гостивар 15, а во Струга 25 лица. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 32 пациенти, во Кочани 11, во Кичево 16, Кавадарци 23, во Гевгелија 9 лица, а во Дебар 6 позитивни и суспектни на коронавирусот.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.