Изутрината до 8 часот имало 20-ина слободни места
Се очекува во текот на наредните два дена да почне со работа и ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 19 нови пациенти поради компликации со коронавирусот, соопшти Министерството за здравство.
Со ова, вкупниот број на оние што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град е 470 лица сомнителни и потврдени за ковид-19.
Во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно осум приеми, и тоа двајца пациенти на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, еден болен е хоспитализиран на Клиниката за дерматовенерологија, а двајца на Клиниката за гастроентерохепатологија.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ има седум нови приеми на пациенти во изминатото деноноќие, а на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден биле примени четири пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 13 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија има 33 пациенти, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 56 пациенти со симптоми на коронавирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, а на Клиниката за очни болести 11 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 109 хоспитализирани, на Клиниката за инфективни болести лежат 156 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти, од кои 11 деца и 21 возрасен.
Од Министерството за здравство соопштија дека изутрината до 8 часот имало 20-ина слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“.
Се очекува во текот на наредните два дена да почне со работа и ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло.