Вакцината против ковид-19, која ја развиваа американската компанија „Новавакс“, има ефикасност од 89,3 отсто, покажале испитувањата од третата фаза спроведени во Велика Британија.
Според информациите што ги објави компанијата, во третата фаза од клиничкото испитување учествувале 15 000 луѓе на возраст од 18 до 84 години, а од нив 27 отсто се постари од 65 години.
Прелиминарните резултати упатуваат дека слична е ефикасноста и против британскиот сој на коронавирусот.
Извршниот директор на „Новавакс“, Стен Ерк, оценува дека резултатите од Велика Британија се „спектакуларни“, а британските власти ја поздравија добрата вест и најавија дека регулаторното тело за лекови ќе направи процена за да ја одобри вакцината.
„Нашето регулаторно тело за лекови сега ќе ја оцени вакцината што ќе се произведува во Тисајд. Доколку биде одобрена, ќе нарачаме 60 милиони дози“,
напиша премиерот Борис Џонсон на Твитер.
Велика Британија досега одобри три вакцини за итна употреба: една од Универзитетот „Оксфорд“ и „Астра Зенека“, друга од „Фајзер“ и „Бионтек“ и трета од американската компанија „Модерна“.