Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 24 нови пациенти поради компликации од ковид-19
Според денешната статистика на Министерството за здравство, вкупно 333 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, а голем дел од нив се на кислородна поддршка.
Од Министерството информираат дека бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 190 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Во последното деноноќие на интерните клиники имало 10 приеми и тоа по еден пациенти бил хоспитализиран на Клиниката за уво, нос и грло, на Клиниката за дерматологија, на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Очната клиника. Двајца болни се примени на Клиниката за Неврологија и тројца на Клиниката за нефрологија.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 5 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 9 во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 25 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 19 пациенти, на Клиниката за неврологија 20 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 18 пациенти со симптоми на корона вирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 21 пациент, на Клиниката за очни болести 6 пациенти, а на ОРЛ 17 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 24 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 93 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 25 пациенти.