Пациентот се смета за излекуван од ковид-19 бидејќи смртта настанала по добивањето два последователни негативни резултати за коронавирус, откако нагло му се влошила состојбата. За случајот претходно вонреден надзор спроведе Државниот санитарен и здравствен инспекторат, но не најде пропусти во протоколите за работа
Почина 46-годишниот пациент кој четири дена со симптоми на ковид-19 чекаше резултати на интерното одделение во болницата во Битола. Оттаму велат дека пациентот, кој бил примен како психијатриски случај, го победил коронавирусот, но смртта настанала од други компликации, кога почнале да му откажуваат бубрезите и срцето.
Директорката Билјана Гагачовска објаснува дека на инфективното одделение, каде што бил префрлен пациентот откако на 15 април стигнале позитивните резултати, неговата состојба се подобрила и на следните тестирања добил два последователни негативни резултати за ковид-19. Но, бидејќи пациентот не можел да се движи, бил однесен на дополнителни испитувања и набрзо состојбата нагло му се влошила.
„Пациентот беше тестиран на 25 и 27 април во лабораторијата на МАНУ, и двата резултати беа негативни. Но, бидејќи состојбата почна да се влошува, беше задржан на дополнителни испитувања и сместен на интензивна нега. Следниот ден настана акутна бубрежна инсуфициенција и кардиак арест. Направена беше реанимација, но безуспешно. Синоќа беше констатирана смрт“,
вели Гагачовска.
Случајот не влегува во црната статистика на Министерството за здравство за починати од ковид-19 бидејќи со два негативни теста се смета за излекуван пациент.
„Бидејќи од страна на дежурниот инфектолог е планиран за испис од инфективно одделение за третман на КОВИД позитивни пациенти, после направениот невролошки преглед, пациентот е упатен на психијатрија за конзилијарен преглед. Пациентот на психијатрија станува неконтактибилен, фебрицира 38Тт, има тешко дишење, се следи хематурија и повикан е инфектологот, уролог и анестезиолог. Повторно се прави промена на катетерот, испирање, и поради состојбата се прима на САРИЛ во изолирана соба. Направени лабораториски испитувања кои одат во прилог на бубрежна инсуфициенција. Третиран по протокол на САРИЛ. Вечерта и утрото состојбата на пациентот е по-добра, тој комуницира, зборува но попладнето настанува влошување на состојбата, прави акутна бубрежна инсуфициенција и кардиак арест. Спроведена реанимација по протокол кај пациентот е неуспешна и истиот егзитира.
Консултирани се епидемиолозите и нивен став е бидејќи пациентот е со два негативни теста за КОВИД е излекуван од КОВИД бидејќи смртта настапи после добивање на резултатите поради влошување на општата здравствена состојба“,
велат од Министерството за здравство.
ДСЗИ не најде пропусти во протоколите за работа
Случајот со 46-годишниот пациент предизвика реакции и револт кај дел од медицинскиот персонал, кој обвини на неажурност во работата на болницата. Дел од докторите на социјалните мрежи го критикуваа тоа што со денови се чекале резултатите за ковид-19, а во меѓувреме велат пациентот бил носен од едно одделение во друго, со што се ставиле во ризик здравствените работници.
Поради спротивните изјави со раководството на болницата кое тврди дека пациентот цело време бил третиран како суспектен и бил во посебна соба за изолација, за случајот вонреден надзор направи Државниот санитарен и здравствен инспекторат, но не констатирал пропусти.
Во изјава за „360 степени“ директорката Иринка Сотирова-Бухова вели дека пациентот бил третиран согласно сите протоколи и заштита за работа, и додека се чекале резултатите за ковид-19 и откако ги добиле во болницата.
„Направен е вонреден надзор, констатирано е дека не се прекршени протоколите во употреба на лична заштитна опрема ниту, пак, во патеката на спроведување на пациентот. Испитано е на каков начин е сместен пациентот од психијатрискиот оддел, па на интерното одделение. При пренесување на пациентот, констатирано е дека медицинскиот персонал бил со заштитна опрема. Дента кога го добиле резултатот, на ист начин, почитувајќи ги протоколите и патеката за пренос на пациенти, пренесен е на инфективното одделение. Нема никакви забелешки ниту прекршувања на протоколите“,
вели директорката на ДСЗИ.
По добивањето на позитивниот резултат, повеќе од 13 медицински лица од болницата во Битола беа испратени во домашна изолација, а директорката Гагачовска вели дека сите се тестирани и од нив нема ниту еден заболен.
Таа посочува дека времето за чекање на резултати сега е скратено, откако тестовите за болнички пациенти почнаа да испраќаат во лабораторијата МАНУ.
Во моментов во болницата во Битола, Гагачовска вели дека нема ниту еден суспектен пациент кој чека резултати, а во зоната за ковид-19 се лекуваат четири позитивни пациенти.
Минатата недела во ова одделение почина 66-годишен пациент од Битола, кој имал и други потешки заболувања. Првиот пациент во зоната за ковид-19, пак, 85-годишниот маж од Домот за стари лица, минатата недела беше испратен дома со два негативни теста.