Во изминатите 24 часа регистрирани се 5 излечени пациенти, во Скопје и Неготино, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Потврдени се 10 нови случаи од 189 направени тестови.
Од новите случаи најмногу се во Скопје – 6. Два се во Куманово и по еден во Прилеп и Велес.
„Сакам да ги отфрлам шпекулациите дека тенденциозно се намалува бројот на тестирање. Факт е дека е значително намалена бројката на тестови затоа што нема доволен број на пациенти со симптоми и кои имаат вистинска индикација за тестирање“,
рече Филипче.
Во изминатото деноноќие има и еден починат пациент на Инфективната клиника. Станува збор за 60-годишен маж од Делчево кој имал и други придружни малигни болести.
Со новите бројки статистиката за состојбата со ковид-19 во земјава покажува дека досега се дијагностицирани 1 674 случаи. Од нив, 1 205 се излечени, а 92 пациенти починале. Со тоа бројот на активни случаи е 377.