Владата во моментов дебатира дали и како да ги олесни мерките за заштита од ковид-19. Политичката одлука следи откако Комисијата за заразни болести, неофицијално, препорача олабавување на рестрикциите. Бројките сугерираат дека и со строги мерки, во последните две недели, порасна бројот на болни.
Повеќе од два месеци Македонија живее во горе-долу слично секојдневие. Градинките и образовните институции не работат, рестораните се затворени и секоја вечер има полициски час. Со други зборови, ништо особено ново не е воведено како мерка од средината на март кога беа воведени рестрикциите, со исклучок на продолжените полициски часови за празничните викенди.
Но, додека ништо суштинско не се случи со мерките, во позадина веќе е јасно дека се случува нешто на друго место. Според анализата на „360 степени“, од 13 мај, кога во земјава имаше најниски 370 активни случаи од ковид-19, бројката до денеска порасна на 445 активни случаи. А толку случаи во земјава имало на 4 април, односно пред повеќе од месец и половина кога заразата земаше замав.

Или, ако се погледне целата „историја“ на активни случаи во земјава, бројот на заразени почна забрзано да расте уште од средината на март, по што веднаш беа донесени ригорозни мерки за ограничување на движењето. На 19 април беше постигнат врвот на бројот на активни случаи – 977. Од тој момент, кривата тргна надолу и со мали исклучоци, паѓаше до првата половина од месецов. Но, од тогаш, бројките велат дека иако минимално, во Македонија има повеќе новозаразени од ковид-19 отколку излчени и починати.
Што се случи?
Ако се разгледаат владините уредби против ширењето на ковид-19, не може да се најде ниту значајна „олабавувачка“ мерка со која директно би можело да се поврзе зголемувањето на случаите. Единствената одлука која имаше за цел да го олабави „ременот“ е делумното отворање на трговските центри.
Но, од сите официјални и неофицијани информации кои ги споделуваат здравствените власти трговските центри не беа споменати како жаришта на зараза во изминатиот период. Вината за новите случаи беше посочувана во групните собири – за првомајските празници, на погреби, на вечери со поширокото семејство и во фабрички хали и погони. Со други зборови, со текот на времето граѓаните се помалку ги почитуваа препораките а надлежните во многу случаи не успеаја да ги спречат во тоа.
Дали бројот на заболени од ковид-19 ќе се намали или зголеми?
Одговорот на здравствените власти на ова прашање е – тешко е да се каже.
Во вчерашното интервју за „360 степени“, примариус д-р Гордана Кузмановска, која е раководителка на Секторот за контрола и следење на заразни болести при Институтот за јавно здравје, кажа дека предвидувањето е тешко бидејќи епилогот зависи од многу фактори, меѓу кои и однесувањето на секој поединец.
„Што ќе се случува во идниот период е навистина неизвесно и тешко да се каже, имајќи ги во предвид сеуште големиот број непознаници во врска со предизвикувачот и заболувањето од една страна, нестабилноста и варијациите во интензитетот во повеќето земји – особено оние најзафатените – како и нивото на сериозност на населението во однос на почитување и придржување кон препорачаните од здравствените власти мерки на превенција на заболувањето, од друга страна.
вели д-р Кузмановска.
Но, д-р Кузмановска, во исто време кажа е и дека е оптимист дека заразата, барем летово, ќе стивне.
Сепак, оптимист сум и очекувам стабилизација на состојбите со одредени варијации во бројките на заболени до ниво на незначајно регистрирање во летниот период, со веројатно повторен пораст на бројот на заболени со почетокот на сезоната на респираторни инфекции, што не би го нарекла втор бран туку сезонско зголемување на бројот на заболени“,
За да остварат оптимистичките сценарија, како што веќе се случува во некои држави од регионот како Словенија, Црна Гора или Хрватска, сепак е потребна граѓанска свест. Колку е поголема ерозијата на почитувањето на мерките, кои и да бидат тие, толку и ќе се намали веројатноста од посакуваниот позитивен исход.