Бројот на заразени со новиот коронавирус според последните податоци изнесува 100 242 луѓе во целиот свет. Досега од последици од вирусот починале 3 408 лица, а излекувани се 55 986 луѓе.
Во меѓувреме, на крузер на реката Нил се откриени 12 лица заразени со новиот коронавирус.
Во Русија досега се регистрирани седум случаи на заразени со новиот коронавирус, повеќе од 700 луѓе се во карантин во Санкт Петербург, меѓу кои има и голем број студенти, кои можеби биле во контакт со италијански студент кој во вторникот беше дијагностициран со ковид-19.

Во Белгија во последните 24 часа се регистрирани уште 59 заразени со коронавирус, со што вкупниот број на заразени во земјата достигна 108 лица.
Германија информира за нови 134 потврдени случаи на коронавирус, со што вкупниот број достигна 534.
Во Иран во последните 24 часа се регистрирани 1 234 нови случаи, со што вкупниот број сега изнесува 4 747 заразени. Власти предупредуваат дека можеби ќе треба да употребат сила за да го ограничат патувањето меѓу градовите.
Холандија денеска го пријави првиот смртен случај како последица на вирусот. Станува збор за 86-годишен маж кој почина денеска.
Повеќе од 60 вработени во Универзитетската болница во Корк во Велика Британија се во изолација откако коронавирусот се проширил низ болницата.
Здравствените работници во Ирска се обидуваат да дојдат до десетина луѓе кои можеби биле изложени на вирусот откако бројот на заразени се удвои за 24 часа.
Еден 43-годишен маж од Суботица е првиот пациент во Србија кај кого е докажано присуство на новиот коронавирус.
И Ватикан го пријави првиот случај на новиот коронавирус, а заразен е член на медицинскиот персонал.
Прв случај на коронавирус денеска потврди и Камерун. Се работи за Французин кој има 58 години и е во изолација во болница.
Тајланд пријави уште еден случај на зараза, со што вкупниот број на инфицирани достигна 48.

Јужна Кореја потврди уште 309 случаи, со што вкупниот број на болни во земјата се зголеми на 6 593.
Еден учител во Италија е позитивен на коронавирусот, по што 112 ученици се ставени во домашна изолација.
Во САД илјадници патници и членови на екипаж се наоѓаат на крузерот „Гранд принцес“ на брегот на Калифорнија и чекаат резултати од тестови за новиот коронавирус откако беше откриено дека првиот човек што почина во Калифорнија бил на тој брод.
„Старбакс“ во Северна Америка, поради коронавирусот, привремено престана да произведува чаши за повеќекратна употреба.
Градот Витлеем е под карантин откако е утврдено дека седум лица се заразени со новиот коронавирус.