Пандемијата предизвика значаен пад на вредноста на пасошот на САД, покажува индексот на најпосакувани пасоши на „Henley & Partners“ со кој се оценува слободата на движење на носителите на патни исправи.
Иако пасошот на САД е рангиран на седма позиција, после Јапонија, Сингапур, Јужна Кореја или Германија, Американците сега имаат иста слобода на движење како Мексико и Уругвај (рангирани на 25. и 28. место, соодветно), како резултат на забраната за патувања за државјани на САД во ЕУ поради ситуацијата со коронавирусот во САД.
Иако се истакнува дека индексот не ги зема предвид мерките на ограничување воведени од владите поради пандемијата, сепак ја актуелизира новонастанатата ситуација во светот кога слободата на движење на граѓани на некои земји, како САД, Бразил и Русија, каде што пандемијата не стишува, ќе биде сосема намалена.
Доколку во ова тримесечје ситуацијата не се промени, вредноста на американскиот пасош драстично ќе се намали, предвидуваат од компанијата.
Индексот ги следи промените во секое тримесечје и во пракса, како што истакнуваат од „Henley & Partners“, бројот на достапни дестинации каде што не треба виза значајно се разликува и зависи од тоа колку земјите се справуваат успешно со пандемијата.
Патната исправа на Северна Македонија на оваа листа е рангирана на 47. место и носителите на македонски пасош може да патуваат без виза во 124 земји.