Од крајот на јуни, бројот на активни случаи од ковид – 19 во главниот град почна да се намалува. Три недели по ред, надлежните известуваа дека се помалку лица во Скопје и околината се болни од новиот коронавирус.
Но, според денеска објавените бројки за последното деноноќие, сега во Скопје има 1 892 активно болни од ковид – 19. Тоа е за речиси 100 лица повеќе од состојбата за која здравствените власти известиле на 14 јули, односно пред точно една недела.

Ако се погледне графиконот погоре на кој е прикажана состојбата за Скопје и околината според датумот на известување, последните бројки се сепак подобри од крајот на јуни. Но, го прекинуваат трендот на постепено намалување на заразата.
Аеродром и Кисела Вода „водат“
Доколку се споредат податоците на Министерството за здравство по општини, не е тешко да се заклучи од каде доаѓа зголемениот број на активно болни од ковид-19 во главниот град. За жал, во некои случаи тоа се општини каде до минатата недела имаше континуиран пад на бројот на активно болни.
Прва општина која „паѓа во очи“ е Аеродром. Таму, на 30 јуни имало 160 активно болни, на 7 јули 154 a на 14 јули 147. Наместо да продолжи позитивниот тренд, само во последниве седум дена, бројката наеднаш пораснала за околу 30% споредено со претходната недела, на вкупно 193 активно болни.

Уште полошо е во Кисела Вода. Во таа општина на 30 јуни имало 118 активни случаи, на 7 јули 108 слуачи а на 14 јули 101 случај. Но наместо оваа недела конечно да се пребројат помалку од сто активно болни, бројката за една недела расте за околу 50%, на вкупно 150 болни од ковид-19.

Иако не е толку драматично изразен, раст на бројот на болни во последната недела има во уште две општини кои беа на пат на „опоравување“. Таков е Карпош, каде бројката стагнираше и почна да се намалува, за последната недела повторно да се зголеми бројот на активни случаи.

И Шуто Оризари, најсиромашната општина во главниот град, речиси цел месец се движеше меѓу 80 и 90 активно болни, за денеска да има 105 активно болни, што е раст споредено со претходниот период.

Гази Баба и Центар продолжуваат со растот
Општината Центар подолго време не успеваше да го намали бројот на активни случаи, но во исто време состојбата се чинеше под контрола. Како во никоја друга општина во границите на главниот град, три недели по ред имаше речиси непроменет биланс. Последниве седум дена сепак, статистиките велат дека во Центар сега има 162 активно болни, што е за нешто повеќе од 10% споредено со минатиот вторник.

Со континуиран раст продолжува и Гази Баба. Во сите последни четири недели, како што покажува графиконот подолу, во таа општина состојбата благо се влошува. Од 171 случај на 30 јуни, сега во Гази Баба има 208 активно болни од ковид – 19.
