Освен директорот, позитивни на ковид-19 се двајца вработени во администрацијата и еден рендген-техничар
Директорот на Клиниката за радиологија, Даниел Ѓурчинов, со висока температура поради ковид-19, во моментов е во домашна изолација. Во краток телефонски разговор за „360 степени“, Ѓурчинов потврди дека е болен од коронавирусот, а за тоа дознал на 1 ноември.
„Имам температура речиси 39 степени и лошо ми е, верувајте. Не сум бил на работа и не можам да ви дадам точни информации. Знам дека има уште неколку други заболени, но за прецизни информации ќе мора да прашате на Клиника. Имајте разбирање“,
вели Ѓурчинов за „360 степени“.
Освен директорот, со ковид-19 се заболени уште тројца вработени – двајца од администрација и еден рендген-техничар, потврдија од Министерството за здравство за „360 Степени“.
Никој освен заболените не е испратен во изолација.
„Нема застој во работата на Клиниката бидејќи заболените се од администрација и еден техничар. Сите се во добра состојба и се на домашно лекување“,
велат од Министерството за здравство.
Здравство: Клиниката може нормално да работи
Потврдата и објаснувањето за состојбата со ковид-19 на Клиниката за радиологија доаѓа неколку часа откако „360 степени“ објави дека таму има неколку заболени, од неофицијални извори. Претходно, два дена не бевме во можност да добиеме официјална потврда. Дел од персоналот е загрижен бидејќи за развојот на настаните биле информирани усно и само со делумни информации, односно дека не знаат кој кога потенцијално се заразил, дали одел на работа и со тоа дали некој имал потенцијално ризичен контакт. Инаку, на Клиниката често се пациенти и лица кои имаат малигни заболувања или, пак, лица кај кои веќе има првични сомнежи дека можеби се болни од малигна болест.
Директорот Ѓурчинов вели дека на Клиниката се води сметка за сѐ, но не прецизираше дали и какви дополнителни мерки се преземени за заштита од трансмисија на вирусот.
На истото прашање од Министерството за здравство велат:
„Секоја институција е обврзана да ги почитува протоколите за безбедност при работа и спречување на ширење на вирусот ковид-19. Доколку дојде до зараза со коронавирусот, се известуваат Центарот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, се прават анкети за евентуални контакти и се одредува кои од вработените ќе бидат изолирани“,
велат од Министерството за здравство за „360 Степени“.
Оттаму уверуваат дека Клиниката може да продолжи со нормално темпо на работа и дека не е загрозено здравјето ниту на пациентите ниту на вработените.