Повеќе вработени на Универзитетската клиника за радиологија во Скопје се позитивни на ковид-19, дознава „360 степени“ од упатени извори. Клиниката е една од најважните во синџирот на дијагностиката, особено кај пациенти што веќе имаат или постои сомнеж дека имаат малигни заболувања.
Според неофицијални информации, веќе неколку дена од работа е отсутен директорот на институцијата, прим. д-р Даниел Ѓурчинов. На персоналот само усно му е пренесено дека тој е позитивен на ковид-19 и се лекува дома. „360 степени“ уште завчера упати прашања до Ѓурчинов, но до овој момент не ни одговори.
Денеска, пак, на Клиниката за радиологија е пренесено дека освен директорот има и други позитивни на ковид-19. Во најголем дел, меѓу новите болни, се вработени во администрацијата кои биле асимптоматски случаи. Во изминатиот период позитивни биле и еден технолог и еден доктор, кои по првичната хоспитализација сега се лекуваат од дома.
Дел од персоналот на Клиниката за радиологија веќе е загрижен за состојбата. Некои од причините се што за новите болни се информира делумно и усно, па не не се знае кој кога потенцијално се заразил и дали одел на работа или имал контакти додека имал симптоми. А голем дел од персоналот на Клиниката секојдневно е во контакт со ранливи групи граѓани, меѓу кои и болни од разни видови канцер.