Македонија денеска ја заврши седмата недела од моментот на откривање на првиот случај на коронавирусот во земјава на 26 февруари 2020 година. Токму на крајот на таа седма недела земјава регистрираше и најголем број смртни случаи во еден ден, како последица на ковид-19, вкупно 6. Но, во исто време, денеска има и најголем број оздравени пациенти во изминатото деноноќие – 42.
*поврзана вест Шест лица починаа од ковид-19 во последното деноноќие
Кумулативниот преглед на бројот на смртни случаи јасно покажува тренд на раст. Првите смртни случаи беа во четвртата недела, вкупно 2. На крајот на петтата недела имаше 9 починати, на крајот на шестата 26, а заклучно со денеска 44.

Но, трендот изгледа поинаку ако се пресметаат смртните случаи по недели. Податоците покажуваат дека седмата недела од појавата на болеста има само еден смртен случај повеќе од шестата.
Односно, во седумте дена од четвртата недела имаше двајца починати од ковид-19, а во петтата недела имаше уште 7 нови смртни случаи. Во шестата недела бројот порасна на 17, додека во последните седум има 18 починати од ковид-19

Додека е рано да се тврди дали Македонија ја „израмнува“ линијата на починати од ковид-19 на неделно ниво, со одминувањето на времето од појавата на болеста почна да се зголемува бројот на излечени пациенти.
Кумулативно, до крајот на четврата недела, во земјава имаше само еден излекуван. До крајот на петтата недела таа бројка се искачи на 12, на крајот на шестата на 30 за до денеска да има вкупно 86 излечени од ковид-19.

Ако, пак, бројките се анализираат по недели, видно е дека последната недела има значителен раст на бројот на оздравени пациенти на неделно ниво.

Кога ќе се споредат вкупните бројки на починати и на излечени лица, видливо е дека разликата помеѓу двете категории полека почнува да се зголемува и тоа во последнава недела. Ако на крајот на петатта недела во Македонија имало 12 излечени и 9 починати, на крајот на шестата 30 излечени и 26 починати, на крајот на седмата недела бројот на оздравени е безмалку двојно поголем од бројот на смртните случаи.

Македонија, сепак, има најмногу смртни случаи на 1 милион жители споредено со земјите од соседството. Според worldometers.info/coronavirus/ просекот е 21 лице, на претпоставена популација од 2,1 милиони жители. Најблиску до земјава е Србија со 11 смртни случаи на 1 милион жители, по што следат Грција, Албанија, Бугарија, Косово.

Сепак, споредено со најпогодените држави во Европа, овие разлики изгледаат минорни. Со 21 смртен случај на 1 милион жители, Македонија има десетпати помалку смртни случаи од тоа што во моментов го има Франција и речиси дваесетпати помалку од Шпанија.
