Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, попладнево на прес-конференција истакна дека има нов предлог за технички министер во МВР, но не го соопшти неговото име додека не се консултира со Зоран Заев и Али Ахмети.
Консултациите ќе бидат телефонски и се очекува во секој момент да се направат, по што ќе се соопшти името за прв човек во МВР во техничката влада.
Тој не сакаше да открива детали, но одговарајќи на новинарски прашања рече дека станува збор за маж, кој не е член на партијата.
„Нема да дозволам да го имаат тоа задоволство да избегаат од избори, а потоа и од одговорност. Отпорот на Заев е неправда, како за самата личност така и за професионализмот. Но, најголема неправда би била оваа власт да избега од избори и да потрае Заев со Шекеринска и Спасовски на власт“,
порача Мицкоски.
Министерот за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски, ќе има задача да го состави тимот со кој ќе работи за спроведување фер избори, а потоа и да го извади сето она што го пикале под тепих Оливер Спасовски и Зоран Заев за да можела да слушне и јавноста.
Тој рече дека кога станува збор за власта која е уплашена, може да очекува проблематизирање и на новиот предлог.
„Јас не очекував ниту првиот предлог да биде проблематизиран, но кога станува збор за исплашените Заев и Спасовски сè е можно, можат и овој пат да најдат некаква точка или запирка која би била проблематична за нив“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
И покрај тоа што има нов предлог, тој посочи дека првичното кадровско решение не било кршење на Уставот односно на членот 97 кој вели „со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“.
Мицкоски се повика и на одлука на Уставниот суд од 2004 кога поради истиот член имало претставка од Хелсиншкиот комитет, но уставните судии тогаш се прогласиле ненадлежни бидејќи станува збор за поединечен акт.
Првиот предлог Ковачки, лидерот на опозицијата го оправдува и со членот 23 од Уставот велејќи дека станува збор за јасен член со кој се пропишува „секој граѓанин има право да учествува во вршењето јавни функции“.
Наспроти тоа, Мицкоски упати критики до СДСМ дека оваа партија го прекршувала Законот за внатрешни работи со поставувањето на Оливер Спасовски, прво за технички министер во 2016, а потоа и за министер во владата на Заев.
Тој се повика на законот кој налага дека работник во МВР не смее да има партиска функција и да биде член на партија, па во првиот случај, рече, законот е прекршен бидејќи Спасовски во тој период бил и генерален секретар на СДСМ, а во вториот бидејќи паралелно ја извршувал и функцијата потпретседател на партијата.