По оваа прес-конференција, Ковачки рече дека очекуваат врвот на МВР да преземе одговорност, затоа што доколку навреме реагирал уште на 24 ноември и објавил централна објава по возилото, убијците на Панче ќе биле пронајдени, а Вања можеби ќе беше спасена
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, денеска на прес-конференција рече дека доколку Министерството за внатрешни работи, раководено од Оливер Спасовски, ги презело сите мерки за пронаоѓање на сега убиениот Панче и неговото возило, убиството на Вања можело да се спречи.

Според Ковачки, наместо инаетење, Спасовски и власта треба да преземат одговорност.
„Со денови прашуваме, а Спасовски бега и манипулира. Сега ќе ја обелодениме вистината. На 4 декември, кога Спасовски држи заедничка прес конференција со Гаврил Бубевски, за возилото на Панче рече дека тоа возило не се движи до 27 ноември и немавме информација дека е одземено. А е регистрирано од камери, како и возило ’рено’. Извршен е и претрес во политичката партија Трета, на која ѝ припаѓале, и најдени се извесни информации. Спасовски овде го излажа народот“,
вели Ковачки.
Според него, МВР знаело на 24 ноември, дека возилото на сега убиениот а тогаш исчезнат Панче, е исчезнато уште од 22 ноември, односно пет дена пред убиството на Вања.

„Ова е телеграма од СВР Велес до сите СВР на територија на Македонија, а во која се нотира дека лицето Панче Жежовски заедно со својот автомобил, а тоа е автомобилот со кој била киднапирана Вања, е пријавен за исчезнат од страна на член на неговото семејство на 24 ноември. Оваа телеграма е доказ дека МВР на Спасовски знаела дека возилото на Панче е исчезнато уште од 22 ноември, но за жал не преземаат ништо. Напротив, полицијата по однос на овој случај презема акција 4 дена откако е пријавено исчезнувањето, т.е. на 28 ноември, што е датум кога е испратена оваа телеграма“,
изјави Ковачки.
По оваа прес-конференција, Ковачки рече дека очекуваат врвот на МВР да преземе одговорност, затоа што доколку навреме реагирал уште на 24 ноември и објавил централна објава по возилото, убијците на Панче ќе биле пронајдени, а Вања можеби ќе беше спасена.
„Спасовски и врвот на МВР мора да преземат одговорност, за случаи како овој никогаш да не се повторат. Криењето на овој податок има само за цел амнестија на Спасовски и врвот на МВР од политичка одговорност и ништо друго“,
заклучи Ковачки.
Пред два дена Ковачки држеше прес-конференција на истата тема.
Тогаш рече дека системот „Безбеден град” го лоцирал возилото со кое било киднапирана 14-годишната Вања на 24 и 25 ноември во Маџари и на 27 ноември на најобезбедуваната локација кај хотелот „Александар палас“.
Според него, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е должен да ѝ одговори на македонската јавност зошто на прес-конференцијата на 4 декември кажал дека возилото на првата жртва од случајот што ја потресе македонската јавност не било регистрирано во системот на камери.