Според полковникот Драган Ковачки, Радмила Шекеринска искористила содржини од класифицирани документи во своја лична и партиска промоција
Полковникот Драган Ковачки, како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, поднесе денеска во Основното јавно обвинителство во Скопје кривични пријави против министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која ја обвини дека искористила содржини од класифицирани документи во своја лична и партиски промоција.
Поради постоење основано сомнение дека се прекршени членовите 349 и 353 од Кривичниот законик, како и членот 103 ставови 1 и 3 од Законот за класифицирани информации, денеска во ОЈО поднесовме три кривични пријави, две против актуелниот министер за одбрана и една против раководно лице во Министерството за одбрана“,
рече Ковачки откако ги достави Кривичните пријави во ОЈО.


Ковачки не кажа за што точно се однесува кривичната пријава. Тој рече дека ова е првпат во историјата на модерна Македонија, актуелен министер за одбрана „на ваков незаконски и крајно непрофесионален начин, дрско да ја злоупотреби својата позиција и содржини од класифицирани документи да искористи исклучиво во своја лична и партиски промоција“.
„Шекеринска ја загрозува и безбедноста, но и државата во целост со тоа што издава информации кои се од витално значење за одбраната. Цениме дека ваквиот, во континуитет незаконски однос кон класифицираните информации од страна на актуелен министер за одбрана, кој е платен и по закон е обврзан да ги чува и штити класифицираните информации, е неприфатлив и бараме од ОЈО веднаш да пристапи кон своите законски надлежности и да поведе постапка пред надлежен суд“,
рече Ковачки.