Не можете да знаете колку луѓе ќе се појават на одреден граничен премин, меѓутоа сите податоци меѓу себе ги разменуваат нашите безбедносни служби во државата, но се разбира имаат канали на комуникација и со партнерските безбедносни служби на членки на НАТО, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа колку бугарски државјани се очекува да дојдат на одбележувањето на 4 февруари
Во пресрет на одбележувањето на 4 февруари – денот на раѓањето на Гоце Делчев, чествување кое е означено како настан од висок ризик, македонските безбедносни служби, освен што разменуваат податоци меѓу себе, комуницираат и со партнерските безбедносни служби на членки на НАТО.
Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа колку бугарски државјани се очекува да дојдат на одбележувањето на 4 февруари.

„Не можете да знаете колку луѓе ќе се појават на одреден граничен премин, меѓутоа, сите податоци меѓу себе ги разменуваат нашите безбедносни служби во државата, но се разбира имаат канали на комуникација и со партнерските безбедносни служби на членки на НАТО“,
рече премиерот.
Во однос на тоа кој влегува во државата, тој истакна дека во тие случаи Министерството за внатрешни работи се придржува до Законот за странци.
„Министерството за внатрешни работи според план, а во однос на тоа кој влегува во државата, тука МВР се придржува до Законот за странци каде што постои одредба според која државјанин на друга држава, кој претставува опасност за националната безбедност, јавниот поредок и меѓународните односи и јавното здравје на државата, може да не биде пуштен во државата“,
изјави Ковачевски на прес-конференцијата во рамките на вториот ден од конференцијата „Година на нови можности“ одговарајќи на прашање во врска со подготовките за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев и предлозите за забрана за влез во земјава по тој повод на одредени бугарски државјани, меѓу кои и европратеник од Бугарија.
Нема разлика во ставовите меѓу претседателот на државата и Владата
Прашан дали постои разлика во ставовите по овие прашања меѓу претседателот на државата и Владата, Ковачевски изјави дека тој не гледа никаква разлика.
„Претседателот на државата имаше изјава за медиумите како претседател практично на Советот за безбедност во која тој го сублимира тоа што го зборуваме на самиот Совет. Врз основа на дискусиите и заклучоците на Советот, Владата донесе одлука дека на 4 февруари, треба да се спречат активностите на поединци и групи коишто имаат желба да прават провокации и кои на никој начин не сакаат да има добри односи помеѓу С Македонија и Бугарија или било која друга соседна држава, бидејќи тие воопшто не му мислат добро на регионот“,
рече премиерот.
Во тој контекст тој се повика и на изјавите на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави кои се оградија од изјавите на политичари од соседна Бугарија, а кои се во институциите на ЕУ, очигледно алудирајќи на провокациите на европратеникот Ангел Џамабски, без да го спомене со име и презиме.
„Ако ги погледнете изјавите на Европската Унија тие практично се оградија од изјавите на политичари од соседна Бугарија кои се во институциите на ЕУ, а САД кои се наш стратешки партнер со кои што сме заедно во НАТО, практично имаа идентичен став дека државите треба да функционираат и да комуницираат на институционално ниво што вчера и го видовте сите. Јас пред тоа имав телефонски разговор со бугарскиот премиер што е нормално меѓу две соседни држави и е начин на кој треба да се градат односите, да се деескалираат провокациите“,
посочи Ковачевски.
Надовразувајќи се на прашањето за провокациите, според премиерот, станува збор за акти на поединци и на групи кои не сакаат добри односи помеѓу двете држави.
„Тие немаат никаква економска агенда, немаат евроинтегративна агенда, имаат единствено националистичка агенда и сакаат овој регион да го држат заложник на минатото, сакаат да го држат заложник на своите популистички агенди и не сакаат да го видат целиот регион зачленет во Европската Унија. Од друга страна, раководставата на сите држави во регионот се за интеграција во Европската Унија“,
подвлече Ковачевски.
Вчера, министрите за внатрешни работи на С Македонија и Бугарија, Оливер Спасовски и Иван Демерџиев имаа средба во Скопје по која во изјава за медиумите излегоа со уверување дека одбележувањето на 4 февруари, на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, в сабота, ќе бидат преземени сите неопходни мерки и активности за да нема никаков инцидент.