Демократските вредности, владеење на правото, домашните реформи и добрососедските односи се витални за регионалната соработка и евро-атланските интеграции, и истите ќе донесат очекуван развој, додаде тој
Соработката НАТО-ЕУ суштински влијае на одржувањето на безбедноста и стабилноста и на забрзувањето на евро-интеграциските процеси во регионот. Северна Македонија како НАТО членка, со започнати преговори за членство во ЕУ, неспорно делува како фактор на стабилност на Западен Балкан. Ќе продолжиме посветено и конструктивно да придонесуваме за развој на регионалната соработка и консолидација на стабилноста на нашиот регион, изјави денеска на прес-конференција во Вилнус, Литванија, македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Тој истакна дека земјата е целосно посветена на остварување на втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ.
„Јас многу пати сум говорел дека членството во ЕУ е втора стратешка цел на државата, првата стратешка цел е остварена – членството во НАТО и вие медиумите можевте да се уверите што и како изгледа да се седи на иста заедничка маса со најсилните земји во светот. Благодарение на тешките одлуки кои ги бевме донеле и визионерски денес ние сме дел од НАТО – Алијансата. И двете стратешки цели од нас бараа да донесеме храбри и визионерски и државнички одлуки, а нашите граѓани не заслужуваат ништо помалку од таа визија без политички калкулации“,
истакна Ковачевски.
Тој потенцира дека секое кочење кое политички партии, пред се од опозицијата, го прават во нашата држава е директно и активно работење против ЕУ.
„Секое кочење кое политички партии, пред се од опозицијата, и тука најмногу мислам на ДПМНЕ и она кое што го прават во Собранието и во однос на блокадите на реформите и во однос на несоработката за одлуката за уставните амандмани, е директно и активно работење против ЕУ, а со тоа и против НАТО и стабилноста и безбедноста на регионот. И ова, повторно е јасно за сите тука, и за нашите НАТО сојузници, и за партнерите на НАТО, односно ЕУ кои се денеска тука со нас“,
рече премиерот.
Демократските вредности, владеење на правото, домашните реформи и добрососедските односи се витални за регионалната соработка и евро-атланските интеграции, и истите ќе донесат очекуван развој, додаде тој.
„Ќе продолжиме по истиот пат да работиме забрзано и на членството во ЕУ, затоа што покрај безбедноста, енергетиката и економијата, пристапните преговори со ЕУ значат реформи во владеењето на правото и подобар стандард за живот на граѓаните“,
порача Ковачевски.
Ковачевски, кој во Вилнус каде учествува на Самитот на НАТО, имаше средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, нагласи дека Грција е една од најсилните поддржувачи на европската интеграција на Северна Македонија. Самата средба што ја остварил со Мицотакис, како што рече, потврдува дека двете држави имаат одлични билатерални односи.
„Преспанскиот договор, којшто претставува пример наведен и во Стејт Департментот и во други меѓународни организации за решавање на идентитетски прашања и за одржливо решение врз основа на кое што станавме земја членка на НАТО, потврдува дека по решавање на такво билатерално прашање, односите меѓу двете држави се движат во исклучително позитивна насока“,
потенцираше Ковачевски на прес-конференцијата.
Во делот на Преспанскиот договор, Ковачевски оцени дека голем дел од работите се имплементирани. Постојат, како што рече, неколку ратификации што треба да се направат во грчкиот парламент, но постојат и кај нас некои обврски што треба да се спроведат во делот на даночните политики.
Според него, пример за посветеноста на институциите во Грција е регистрација на Центарот за македонски јазик, што беше оспоруван, но грчкиот суд донесе јасна пресуда дека се работи за нешто што може да се регистрира во Грција.