Претседателот на СДСМ од трибина во Струмица рече дека сите од ВМРО-ДПМНЕ и Левица што мислат да продолжат да ставаат сопки треба да знаат дека сме поголеми од нивните сопки, посилни од нивните опструкции, поистрајни од нивните лаги

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вели дека од членството на Македонија во ЕУ сите ќе ги почувствуваат придобивките и затоа е потребно блокадите да престанат.
„Сите оние од ВМРО-ДПМНЕ и Левица што мислат да продолжат да ставаат сопки треба да знаат дека сме поголеми од нивните сопки, посилни од нивните опструкции, поистрајни од нивните лаги“,
порача вечерва Ковачевски од трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Струмица.
Тој додава дека сега имаме историска шанса која не смееме да ја пропуштиме.
„Мора сите да се вградиме во процесот, во обврските и работата, затоа што на крајот, сите ќе ги чувствуваме придобивките од полноправното членство. Уставните измени се дел од тој процес. Ако не ги направиме ќе дозволиме самите да си ставиме пречка, самите да се блокираме“,
додаде Ковачевски.
Тој уште еднаш потенцираше дека преговорите за членство во ЕУ се водат на официјален македонски јазик без никакви дополнителни фусноти и додавки.
„Можеме со чист образ да се свртиме кон нашите предци и да кажеме дека успеавме да го оствариме нивниот аманет. Ја минуваме последната етапа од маратонот кон полноправно членство во ЕУ. Овој концепт за Европска Македонија СДСМ ќе го предводи. Но, една политичка партија не може сама, во тој процес се вградени генерации политичари и граѓани, многу политички партии и општествени субјекти. Тоа така мора да продолжи, да се обединиме и да продолжиме кон ЕУ силно и одлучно, затоа што македонската иднината е европска“
истакна Ковачевски.
Претседателот на СДСМ вечерва од Струмица го презентираше концептот европска Македонија која е економски силна, стабилна држава, полноправна членка на Европската унија.
Тој во своето обраќање повика на силна и широка поддршка на европскиот пат и на овој концепт.
На трибината Ковачевски се осврна и на тековната економска и енергетска криза која владее во светот и притоа потсети на поддршката што владата предводена од СДСМ им ја дава на граѓаните и компаниите.
Претседателот Ковачевски ги издвои и постоечките инвестиции со цел зголемување на енергетска независност на државата.
Генерално, како што рече Ковачевски, инвестициската клима е исклучително подобрена бидејќи сме земја членка на НАТО која има отпочнато преговори со ЕУ.