На прашањето дали како евентуален мандатар би се согласил Министерството за здравство, за кое се шпекулира дека го посакува Алтернатива, Ковачевски одговара дека за поделба на ресорите би се зборувало откако низ партиските процедури би се одлучило кој ќе биде мандатар, односно премиер
Актуелниот заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски, кој денеска и официјално ја поднесе кандидатурата за лидер на СДСМ, а се споменува како најсериозен кандидат за иден мандатар за формирање Влада, верува дека Алтернатива ќе влезе во владината коалиција и власта ќе си обезбеди стабилно мнозинство во парламентот.
„Јас важам за оптимист, меѓутоа за рационален оптимист, верувам во решение и работам тоа да се оствари. Длабоко верувам и посакувам Алтернатива да стане дел од владиното мнозинство бидејќи тоа ќе обезбеди стабилна Влада која ќе може да ги реши големите проблеми кои ги имаме пред нас, како и голем број други земји. Ние се наоѓаме во пандемија во која се појавуваат нови типови на вирусот, има европска енергетска криза која и нас не нè одминува и секако дека имаме предизвици и работиме на задржување на животниот стандард на граѓаните. За тоа ни треба стабилна Влада која ќе може да ги носи законите кои ни се потребни и затоа верувам и се надевам дека Алтернатива ќе донесе позитивна одлука која на крај ќе зависи од нивните партиски органи“,
изјави Ковачевски по поднесувањето на кандидатурата.
Тој го придружуваше актуелниот премиер Зоран Заев на претходните две средби со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, а ќе присуствува и на денешната средба која се очекува да започне секој момент во Клубот на пратеници. На претходната средба, повтори тој, постигната е начелна согласност за програмските определби, а се разговарало и за одредени позиции во централната власта, меѓутоа, како што вели, без никакви конкретни решенија.
На прашањето дали како евентуален мандатар би се согласил Министерството за здравство, за кое се шпекулира дека го посакува Алтернатива, Ковачевски одговара дека за поделба на ресорите би се зборувало откако низ партиските процедури би се одлучило кој ќе биде мандатар односно премиер.
„Јас не можам да го коментирам тоа затоа што мандатарот односно премиерот на државата е, ако гледаме од аспект на СДСМ, по завршувањето на изборот за претседател на партијата следува конгрес, низ процедурите на партиските тела се носи таа одлука која на крајот зависи и од коалициските партнери и од парламентот кој ја носи финалната одлука. Дури откако тоа ќе се донесе таа одлука, може да зборуваме да зборуваме за конкретни кадровски решенија и претпоставки кој би водел кој ресор“,
вели Ковачевски.