Во интервју за неделникот „Фокус“, премиерот Димитар Ковачевски вели дека учеството на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада е законска обврска, со што не би барале евентуални алибија или, пак, изговори за поразот кој ќе им се случи на претседателските и парламентарните избори
Лидерот на СДСМ и премиер на С Македонија, Димитар Ковачевски, вели дека ВМРО-ДПМНЕ веќе три години зборува само за избори, а сега кога пред нас се редовен циклус на избори, не треба да бара изговори и алиби за поразот кој ќе следува, туку да ги исполнат своите обврски согласно законите и да учествуваат во техничката влада.
„Прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада го гледам од два-три аспекти. Прво, се работи за законско решение кое треба сите партии да го испочитуваат. Второ, партијата којашто зборува само за избори сега не треба да бара изговори, да не бара алиби од било каков тип. Трето, неодговорно е да фрлаат дамка на целиот изборен процес, односно, не треба да си бараат изговори за поразот. Нив очигледно им е јасно дека не можат да го остварат тоа што го зборуваат по телевизии“,
вели Ковачевски.
Според премиерот, техничката влада за опозицијата е неповолна состојба бидејќи нивните кадри во минатото се покажале како лоши и неефикасни.
Прашан за изборите, Ковачевски потврдува дека цврсто верува дека победник ќе биде проевропската коалиција, а тој како мандатар и премиер во следниот мандат ќе ја внесе земјата во Европската унија.
„Тоа е моето ветување, желбата на мнозинството наши граѓани која преземам обврска да ја остварам, за доброто на целиот наш народ. Ние подадовме рака на сите проевропски, демократски сили, вратата е отворена, да ја оствариме заеднички целта – Северна Македонија, земја членка на ЕУ. Националистичките наративи се резервирани за оние кои немаат што друго да понудат, кои немаат ниту визија, ниту идеја, ниту програма“,
вели Ковачевски.
За евроинтеграцискиот процес и уставните измени, премиерот рече дека земјата се наоѓа во неповторлив контекст за пробив во европските интеграции и конечно остварување и на втората наша стратегиска цел, но жали што целиот процес бил закочен од опозицијата кои ги нарече кочничари на демократскиот и европски развој на С Македонија.
„Затоа, уставни измени ќе има, затоа што тоа е интерес на граѓаните и на Република Северна Македонија. Ние секогаш играме со отворени карти и со нас граѓаните знаат на што се. Изворот на драмите што ги гледаме изминатиов период е во редовите на опозицијата, којашто во својата дезориентација не знае каде тера, се скара со сите дома, со целиот демократски свет. Северна Македонија ќе продолжи напред. Но со штетниот квазинационализам оваа партија ќе биде изолирана, на долг рок, додека не соберат сила внатре, да се реформираат“,
заклучи премиерот Ковачевски.