Централното претседателство на Алијанса за Албанците неделава ќе формира комисија која треба да преговара за евентуален влез на партијата во Владата или за останување во опозиција, откако Централното собрание викендов го овласти раководството да ја донесе конечната одлука
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во 20 часот во Клубот на пратеници ќе се сретне со лидерите на коалициски партнери на СДСМ.
Ковачевски денеска изјави дека разговарал и оти и денеска ќе разговара со добар дел од коалициските партнери, во однос, како што рече, на темите што се значајни за работењето на Владата, а од интерес за граѓаните.
„Исто така, имам разговарано и со партијата Алтернатива, односно со нејзиниот претседател, бидејќи имаме редовни состаноци, меѓутоа немаме разговарано за детали за влегување на нов партнер во Владата, бидејќи такви детали не се разговарани со потенцијален нов партнер. Тоа исто така ви го потврди и претседателот на Алијанса, дека ние сме политички партии, вклучително и Алијанса за Албанците, што сме за продолжување на европскиот пат на државата, меѓутоа дека во однос на конкретни разговори за програмски и кадровски детали немаме разговарано“,
рече Ковачевски.
Тој истакна дека доколку се влезе во такви разговори, тогаш, нормално дека ќе бидат консултирани и ќе биде разговарано и со постојните коалициски партнери во Владата, исто како што било разговарано со коалициските партии во Владата кога влегувала партијата Алтернатива.
Централното претседателство на Алијанса за Албанците неделава ќе формира комисија која треба да преговара за евентуален влез на партијата во Владата или за останување во опозиција, откако Централното собрание викендов го овласти раководството да ја донесе конечната одлука.
Во саботата вечер, по завршувањето на Централното собрание на Алијанса за Албанците, претседателот на партијата Арбен Таравари, рече дека имале плодна дискусија на оваа тема, оти дел од членовите биле за, некои против, како и дека централното претседателство на партијата ќе треба да ја донесе конечната одлука.
Претходно, пред одржувањето на Централното собрание, Таравари во изјава за една национална телевизија рече дека поканата за влез во Владата ќе ја прифатат само за сериозна борба против корупцијата и ако постојат шанси да се обезбедат 80 пратеници за уставни измени.
Од владиниот партнер на Ковачевски, Алтернатива, реагираа на начинот на кој се водат преговорите за евентуален влез на Алијанса во Владата, нагласувајќи дека немаат намера да преговараат преку медиуми.
„Имаме принципиелен став – кој има проблем, тој треба да ја поднесе цената за да си го реши проблемот. Најпроблематично во целиот процес е што начинот на кој се водат овие разговори, само го разводнува целиот блок партии коj е за ЕУ интеграции. Каква порака кон оние кои го поддржуваат ЕУ проектот праќа овој начин на преговори? Ако се продолжи на овој начин, останатите партии само ќе се отуѓат од овој блок“,
реагираа од Алтернатива.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз рече дека нема да гласа за влада што го нарушува основниот принцип на правична застапеност.
„Треба да направиме се да не се наруши етничкиот баланс во владата и органите на власта. Изјавите на АА дека се вклучуваат во овој фронт за европската перспектива, во суштина, ако се „за“ Европа и ЕУ, ако ги поддржуваат процесите апсолутно нема потреба да условуваат со влез во владата. Треба да ја поддржат Владата во евроинтеграциските процеси и тоа би било фер“,
рече Трајанов.