Премиерот Димитар Ковачевски на сите ученици, наставници и родители или старатели им посака среќен почеток на новата учебна година
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на сите ученици им посака среќен почеток на новата учебна 2022/23 година.
„Пред вас е првиот училиштен ден од новата учебна година. Ви посакувам успешен почеток, да стекнете многу нови знаења и вештини и секако ви посакувам многу нови другарства кои ќе траат цел живот. Верувајте во себе, прашувајте, преиспитувајте, истражувајте и бидете креативни, бидејќи детството и младоста се периодот кои се клучни за понатамошниот личен развој. Бидете другари и помагајте им на оние кои не можат да постигнат сѐ сами. Верувајте во себе и во постигнатите резултати и никогаш не се откажувајте од зацртаните цели. Не заборавајте дека образованието е една од најважните инвестиции во животот“,
се вели во честитката од Ковачевски.
Премиерот, исто така, упати честитки и за родителите и старателите чии деца за првпат оваа учебна година седнуваат во училишните клупи во основните и средните училишта.
„Со вложувања и реформски процеси, ние како Влада интензивно работиме на подобрување на образовниот систем во Република Северна Македонија, со што обезбедуваме квалитетно и достапно образование за секое дете. Со вработување на образовни асистенти им даваме поддршка и вклучување во редовната настава на децата со посебни потреби. Градиме нови училишта ги реконструираме и модерно опремуваме веќе постоечките и го модернизираме нашето образование“,
нагласува премиерот.
Ковачевски им го честиташе првиот ден од учебната година и на наставниците и нагласува дека тие се клучот за квалитетно образование.
„Од вашиот ангажман, зависат постигнатите резултати кај учениците. Затоа бидете нивна поддршка, инспирација и поттик во создавањето на индивидуи кои утре ќе бидат движечката сила и умот на државата“,
вели премиерот додавајќи дека продолжуваат со јакнење на наставниот кадар за кој од септември се предвидени покачување на платите, но и континуирани обуки за новите наставни програми.