Околу оставката на претседателката на судскиот совет, точно е дека таа изнесе одредени квалификации. Доколку тоа се случувало, тогаш ѝ стојат на располагање сите институции во државата каде што може да пријави доколку имало политички или деловни влијанија како што тоа го изнесе во својата оставка
За премиерот Димитар Ковачевски, Собранието е местото каде што сите политички партии, вклучително и неговата СДСМ треба да разговараат за унапредувањето на судството и обвинителството во секој аспект.
Ова Ковачески го изјави одговарајќи на новинарски прашања во врска со оставката на претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска и повлекувањето на кандидатурата на обвинителот Бурим Рустеми за шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје.
„Околу оставката на претседателката на судскиот совет, точно е дека таа изнесе одредени квалификации. Доколку тоа се случувало, тогаш ѝ стојат на располагање сите институции во државата каде што може да пријави доколку имало политички или деловни влијанија како што тоа го изнесе во својата оставка. Истото се однесува и во делот на обвинителството, се она што сметаат дека е надвор од надлежности на некои други институции или организации тогаш тоа треба да го пријават таму каде што е местото за пријавување“,
изјави Ковачевски, кој денеска беше во Кавадаречко по повод завршување на работите на магистрална гасоводна делница.
Во контекст на прашањето, тој потсети дека извршната и судската власт се одвоени и дека она што е обврска на Владата во однос на судството и обвинителството таа го исполнува.
„Владата ги исполнува сите свои обврски и надлежности што ги има во обезбедување на услови за независно судство и обвинителство. Тоа значи дека сите финансиски средства што се потребни за буџетот на судството и обвинителството се предвидени во државниот буџет и сите законски решенија што Владата има обврска да ги донесе ги има донесено и испратено до Собранието, односно закони кои што се однесуваат на примањата на судиите и на други области и аспекти на судството и обвинителството. Дел од тие закони се донесени, а добар дел, за жал, не се донесени поради блокадата што ја прави опозицијата. Уште еднаш ги повикувам дека такви закони не треба да се блокираат“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека не би сакал да изнесува генерална оценка за судството и обвинителството, но оти негов став е дека разговорите за нивно унапредување треба да се разгледуваат во Собранието.
„Никогаш не сум сакал да ги генерализирам работите бидејќи во секоја област, па така и во судството и обвинителството работат поединци од кои некои се повеќе добри, повеќе функционални, повеќе ефикасни и има помалку ефикасни во однос на другите. Затоа сметам дека судството со оглед на тоа дека е независно треба да има свои механизми со кои ќе може точно да идентификува и да оцени кои се оние што се најдобри во својата фела. Дополнително, секоја институција треба да има тело коешто е над него хиерархиски коешто ја оценува неговата работа. Истото тоа постои и во делот на Судскиот совет, а тоа е Собранието. Судскиот совет поднесува извештај до Собранието и сметам дека тоа местото каде што сите политички партии вклучително и мојата треба да разговараат за унапредување на судството и обвинителството во секој аспект“,
порача премиерот Ковачевски.
Откако на вчерашната седница поднесе неотповиклива постапка, претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска се огласи преку соопштение, во кое, како што наведе, веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судската-бизнис елита“.
Вчера, дека поднел барање за повлекување од изборот за шеф скопското Вишо обвинителство потврди и вишиот јавен обвинител Бурим Рустеми. Пред него својата кандидатура ја повлече и обвинителката, Фатиме Фетаи, со што во трката за шефовското столче во Вишото јавно обвинителство Скопје остана само актуелниот вршител на должност, Мустафа Хајрулахи.
Претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски, денеска во изјава за МИА рече дека засега нема услови за закажување седница за избор на нов шеф на скопското Вишо јавно обвинителство бидејќи Советот не може да обезбеди кворум.
Јолевски изјави дека најрано што очекува е услови да се обезбедат кон средината на декември, но додаде оти не може да гарантира дека и тогаш ќе се одржи седницата.