Претседателот на Советот, Јолевски, во изјава за МИА вели дека најрано што очекува е услови за закажување на седницата да се обезбедат кон средината на декември, но додава оти не може да гарантира дека и тогаш таа ќе се одржи
Претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски, вели дека засега нема услови за закажување седница за избор на нов шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје бидејќи Советот не може да обезбеди кворум.
Јолевски во изјава за МИА вели дека најрано што очекува е услови да се обезбедат кон средината на декември, но додава оти не може да гарантира дека и тогаш ќе се одржи седницата.
„Сè додека не се обезбеди кворум за да може да се одржи седницата, таа не може да биде закажана“,
изјави Јолевски посочувајќи дека во моментот се осум члена, заедно со Јавниот обвинител Љубомир Јовески.
Од тројцата кандидати кои сакаа да седнат на шефовското столче во скопското Вишо јавно обвинителство остана само еден – постојниот вршител на должност, Мустафа Хајрулахи.
Откако пред десетина дена се откажа обвинителката Фатиме Фетаи, барање за повлекување од изборот поднел вишиот јавен обвинител Бурим Рустеми, потврди вчера за „Призма“ претседателот на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски.
Досега имаше два обиди да се избере шеф на Вишото обвинителство во Скопје, но и на тоа во Гостивар, како и на неколку основни обвинителства во земјава.
Седницата на 14 ноември беше прекината бидејќи, според официјалното објаснување од советот, дел од досиејата на кандидатите стигнале доцна и членовите на Советот на јавни обвинители немале време да ги разгледаат. Продолжение беше закажано за една недела односно на 21 октомври.
Меѓутоа, во пресрет на продолжението Фетаи се откажа.
На 21 ноември, членовите на Советот повторно не избраа шефови на обвинителствата бидејќи отсутен беше републичкиот обвинител Љумобил Јовески, кој е член по функција, а тогаш беше хоспитализиран. Со оглед дека Советот не е комплетен, без Јовески Советот го немаше потребниот кворум од осум членови за да може да врши избор.
За да не останат без шефови, на овие обвинителства привремено им се назначија в.д. шефови. Како вршители на должност се назначија актуелните шефови, освен во ВЈО Гостивар каде што шеф беше Ислам Абази кој седна во шефовското столче во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Таму за в.д. шефица ја назначија Влојца Имази.